Search
Search

Скопје се дави во загаден воздух, мерки има но мора да се спроведат

Утринските мерења покажуваат дека скопјани го дишат најзагадениот воздух во Европа а 18-ти во светот, покажува страницата Ајкјуер.

Скопје се наоѓа во друштво на Делхи, Пакистан и Бангладеш со смртоносно висока загаденост.

ПМ-честичките се неколку дена над дозволеното. Министерката Шукова истакна дека јавните институции треба да се префрлат на еколошки систем на затоплување.

Надлежните постојано објаснуваат дека нема инстант мерки што ќе го расчистат воздухот.

Д-р Беќаровски за загадувањето и вирусите…

Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија со став околу аерозагадувањето кое подолго време му се случува на Скопје и зголемениот број на пациенти со вируси.

– Загадениот воздух драстично ја зголемува патогеноста, тежината на клиничката слика и прогнозата на двата најчести зимски вируси (Респираторен синцицијален вирус и вирусот на инфлуенца-грип). Затоа да не Ве изненадува што овие денови сите кашлаат, имаат покачена температура и општа слабост, вели докторот.

– Затоа сѐ почесто одиме на погреби, отколку на мекици. Секој вложен денар во здрава животна средина, трикратно се исплаќа, само да има некој надлежен тоа да го разбере и сфати, напиша познатиот доктор во објава на својот фејсбук профил.

Шукова: Општините да ги спроведуваат мерките против аерозагадувањето

Општините да имаат Планови за воздух и да спроведуваат мерки за справување со аерозагадувањето, апелираше министерката за животна средина Каја Шукова. Таа информираше дека во четири градови во земјава, Скопје, Битола, Куманово и Тетово се спроведува проект финансиран од Европската Унија, вреден 10 милиони евра, со кој ќе се заменат застарени системи за затоплување со еколошки во 70 јавни објекти, ќе се набават еколошки автобуси за Скопје и ќе се зголемат зелените површини во градовите.

Сепак, како што потенцираше Шукова, и општините ќе мораат самите да инвестираат во заштита од загадување на воздухот и да им помогнат на домаќинствата, од каде доаѓа речиси половина од загадувањето, да изберат поеколошки начини на затоплување.

„Голем број општини во рамки на нивните можности веќе ги помагаат домаќинствата со субвенции за набавка на инвертери и замена на системите за загревање. И Министерството и државата помагаат со проекти за замена на системите за затоплување кај јавните установи кои користат фосилни горива. Но, и граѓаните, секој посебно, треба да придонесуваат за намалување на аерозагадувањето. Да се внимава да се горат суви наместо влажни дрва  и да не се палат паркети, пластика или гума“, рече Шукова.

 

 

 

АКТУЕЛНО