фото/интернет

Скопје губи вода за пиење колку 25 илјади олимписки базени годишно!?

Според податоците од Центарот за граѓански комуникации, кој направил истражување за цените, потрошувачката и за загубата на вода за пиење во земјава, само во Скопје се губат 63 милиони кубни метри вода годишно , што е 43 проценти од вкупно 146. милиони кубици загубена вода за пиење во земјава. Колку за споредба, ако се земе предвид дека еден олимписки базен со димензии 50 на 25 метри и длабочина од 2 метра собира 2,5 милиони литри вода (2.500 м3), значи дека годишно неповратно губиме по 25.200 олимписки базени.

Ова се податоци од Центарот за граѓански комуникации, кој направил истражување за цените, потрошувачката и за загубата на вода за пиење во земјава.

По Скопје, Гостивар и Тетово се втор и трет град на листата по загубата на вода. Во Гостивар годишно се губат речиси 9 милиони м3 вода, а во Тетово по 7 милиони кубни метри вода за пиење. Следно на листата е Кичево со загуба од над 6 милиони, а во Охрид секоја година се губат по 5,8 милиони кубни метри вода за пиење. Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.

Во земјава има 67 снабдувачи со вода за пиење, а 44 проценти од нив лани покажале негативен финансиски резултат во работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра. Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра, има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и на Струга.

Има голема разлика во цената што ја плаќаат граѓаните за потрошената вода. Најевтина вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,50 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино – 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петта е Росоман. Најскапа вода плаќаат во Кочани, Делчево, Пробиштип и во Берово, како и во Свети Николе.

Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовци најмногу вода месечно. Најмногу вода трошат жителите на Маврово и на Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.

Податоците на Обединетите нации покажуваат дека околу две милијарди луѓе во светот живеат без вода за пиење во своите домови, а околу четири милијарди луѓе се соочуваат со недостиг од вода во траење од најмалку еден месец во текот на годината.

Податоците, исто така, покажуваат дека околу 200 милиони луѓе користат вода за пиење од реките, потоците и од езерата и, според светските експерти, до 2030 година околу 600 милиони би можеле да се соочат со недостиг од вода.

И Македонија се соочува со овој глобален проблем и експертите укажуваат дека се потребни системски мерки за превенирање и негово решавање пред да добие димензии што никој не ги посакува.

Од Центарот за климатски промени посочуваат дека, како резултат на зголемените просечни температури, се очекува да се намали и количеството на подземните води, кои се директно одговорни за снабдувањето со вода за пиење, но и количеството на површинските води во реките и во езерата и секоја година гледаме дека водостојот е сè понизок.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави