Search
Search

Скопсите комарци зуеја и на седницата на Антикорупциската комисија

Пријава во врска со процедура при прскањето против комарци, поточно индиции дека несоодветно се употребуваат средства за прскање против комарци, заврши и во Државната комисија за спречување корупција. Според информациите оттаму, анонимно лице пријавило во антикорупциска дека во главниот град се правела несоодветна дезинсекција, бидејќи се користело средство за прскање од земја, во процесот на прскање со авион. 

Пријавата отвори низа прашања, меѓу кои и тоа дали има некакво несоодветно работење и кршење на процедурите на оние што го аплицирале средството, потоа, дали истото тоа, ако се аплицира од воздух, има некакво штетно влијание по здравјето на граѓаните, дали е соодветно ефикасно средството наменето за терестрично прскање против комарци ако се аплицира од воздух, како и тоа дали попусто се истрошиле толкави количества од средството, ако се прскало од воздух?

Антикорупциска соопшти дека по пријавата веднаш отворила предмет, за кој побарала документи со податоци и информации во врска со овие наводи од Град Скопје, Министерството за здравство – Секторот за хемикалии, Центарот за јавно здравје, Бирото за јавни набавки, како и независно стручно мислење од експерт од Природно-математичкиот факултет.

Антикорупционерите по направената истрага утврдиле дека „нема категорична забрана за користење на средството од воздух“!
Како што истакна Софија Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, ги проверувале и оригиналните декларации/упатства на средството употребено за дезинсекција и дека во нив не е наведено дека е забранета неговата употреба од воздух.

– Не е потврдено дека средството мора да се аплицира по земја, а дека не може да биде за аеродезинсекција. Во ниедна декларација тоа никаде категорично не стои. Постои дека се препорачува аплицирање од земја, но не дека е забрането од воздух – рече Пејовска-Дојчиновска.

Таа додаде и дека треба да се има предвид и фактот дека Град Скопје има огромни површини за апликација на средството и поради тоа не е можно дезинсекцијата да биде само по земја.

Градските власти, кои и ја извршуваат дезинсекцијата против комарци, не се изјаснија во јавноста околу ова прашање, иако кај граѓаните има милион прашалници.

АКТУЕЛНО