Search
Search

Славчо Попоски: Повторно пролетни температури, но можни се и пообилни врнежи од дожд

Температурите и понатаму речиси насекаде ќе надминуваат 10 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели повремено тие ќе се искачуваат и до пролетни 20 степени“, вели метеорологот Славчо Попоски.

Иако до календарскиот почеток на пролетта има скоро цел месец, се чини дека таа е веќе овде.

Натпросечно високите температури изминативе недела-две ќе продолжат и во наредните неколку дена, со разлика што можно е да има пообилни врнежи од дожд.

Во продолжение, прогнозата на Славчо Попоски за претстојната недела:

„Невообичаено топлото време за овој период од годината, благодарение на топлиот метеоролошки феномен ‘Ел Нињо’ ќе продолжи и во текот на оваа недела, температурите и понатаму речиси насекаде ќе надминуваат 10 степени, а во најтоплите централни и југоисточни предели повремено тие ќе се искачуваат и до пролетни 20 степени.

Сепак, ќе има повеќе облачност, а нов, овој пат поголем влажен воздушен бран од Медитеранот очекуваме од четврток.

Овој влажен бран локално ќе донесе пообилни врнежи од дожд и позначително количество на воден талог. Сето ова повторно ќе биде проследено со засилен ветер од југоисточен правец, најизразен долж Повардарието.

Во Скопје исто така очекуваме слично време како и во останатите предели од државава.

Мора да напомниме дека поради изразеното јужно воздушно струење, од Сахара кон нашата територија, како и во поголем дел од Европа и Балканот, се очекува транспорт на прашина и на песок, со што и атмосферата ќе биде заматена“.

АКТУЕЛНО