Search
Search

Словенија 147. членка на ОН која ја призна Палестина

Националното собрание на Словенија со 52 гласа ја поддржа одлуката за признавање на независноста и суверенитетот на државата Палестина, јавува агенцијата Анадолија.

„Денешното признавање на Палестина како суверена и независна држава испраќа надеж за палестинскиот народ на Западниот Брег и Газа“, рекол синоќа премиерот на Словенија, Роберт Голоб, објави словенечката влада на платформата Х.

Опозициската Словенечка демократска партија (СДС) го повлече предлогот за консултативен референдум за признавање на Палестина, што го поднесе во понеделник, непосредно пред почетокот на седницата.

Партијата на седницата доставила нов предлог за распишување консултативен референдум, а нејзините претставници ја напуштиле седницата.

Поради новиот предлог, седницата на Државното собрание беше прекината и беше свикана седница на собраниската Комисија за надворешна политика по предлогот на СДС за распишување консултативен референдум. Следувала вонредна седница на Националното собрание на која сите 52 присутни претставници го отфрлиле предлогот за распишување консултативен референдум, јавуваат словенечките медиуми.

Според словенечкото право, само Државното собрание има овластување да ја признае независноста на државите.

Владата на Словенија на седницата на 30 мај донесе одлука да му предложи на Државното собрание признавање на Палестина како суверена и независна држава, по што симболично беше истакнато палестинското знаме, откако на 9 мај покрена постапка за признавање на државата Палестина. Тогаш најави дека одлуката ќе ја испрати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни.

Палестина веќе е призната како држава од повеќе земји. Но сепак, тоа не важи за највлијателните западни нации како на пример САД и Велика Британија, како и поголемиот дел од земјите на ЕУ. Според сопствените информации, Словенија е 147. земја во светот која ја признава Палестина како суверена држава. Меѓутоа, израелската влада неодамна го осуди признавање на државата Палестина од сѐ повеќе земји како „награда за тероризмот“.

АКТУЕЛНО