Search
Search

Случај „Ласкарци“: 14 години затвор за возачот на “Дурмо турс”, сопственикот Дурмиш Белули доби најниска казна од четири години

Судот ги прогласи за виновни Дурмиш Белули, сопственик и управител на ДУРМО Турс, Ремзи Мифтари, одговорен за превозот во ДУРМО Турс, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски, Јане Бобаровски и Маноил Трифуновски затоа што не се придржувале до стандардите за превоз на патници и со тоа предизвикале опасност по животот и здравјето на патниците.

Вкупно 39 години добија обвинетите во случајот „Ласкарци“ којшто се однесува на автобуската несреќа што се случи во 2019 година во која животот го загубија 16 патници, а над 30 беа повредени. Возачот на автобусот од “Дурмо турс”, Маноил Трифуновски кој управуваше со автобусот на кобниот ден кога загинаа 16 лица, а 30 беа тешко повредени, е осуден на 14 години затвор.

Сопственикот на компанијата, Дурмиш Белули пак кој единствено имал сертфикат за спроведување на безбрдност во сообраќајот доби најниска казна од четири години.

Одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари е осуден на шест години, додека вработените во техничкиот преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски се осудени на пет години затвор.

На обвинетите им беше изречена и забрана за вршење професија и должност во времетраење од пет години.

Според пресудата, обвинетите Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмиш Белули“ и одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, не се придржувале кон прописите за безбедност во масовен сообраќај, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.

Дозволиле во сообраќајот континуирано да учествува технички неисправен автобус без да преземат контрола и мерки за да има исправна состојба и да учествува во јавен сообраќај, рече судијката Диана Груевска Илиевска.

За тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боваровски, кои се товарат за соучество во истото дело, се наведува дека предизвикале опасност бидејќи, според пресудата, иако воочиле дека има неисправности, дозволиле автобусот да помине на технички преглед.

Поради утвреднените технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни, наместо да спречат учество на автобусот во сообраќај и да пријават во Министерството за транспорт и врски, дозволиле да учествува во сообраќај неисправен автобус, рече судијката.

Во пресудата стои дека обвинетиот Маноил Трифуновски, како професионален возач, свесен дека управува неисправно возило, на 13 февруари 2019 година, како учесник во сообраќајот го управувал автобусот со 55 патници, не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај.

Кога со автобусот дошол во близина на Ласкарци поради отсуство на внимание удрил во металната ограда, рече судијката, која потоа го образложи случувањето на незгодата.

Во процесот кој започна во 2019 година беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.

Процесот го водеше судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е обвинителот Дарко Јакимовски.

АКТУЕЛНО