Search
Search

Сметот од Тетово започна да се подига, тетовските комуналци го прекинаа штрајкот

Стотиците тони отпад околу контејнерите кои веќе четврти ден се таложат низ Тетово, комуналците започнаа да ги собираат и транспортираат до регионалните депонии.

Вработените од „ЈКП Тетово“ кои во вторникот започнаа генерален штрајк поради неисплатените плати и придонеси, го прекинаа штрајкот оти како што велат имаат постигнато договор со општината за две недели да ги добијат неисплатените плати.

„Денес добивме една плата, а до 15 декември треба да ни исплатат уште две плати. Ако нема исплата до 15 декември ќе стапиме во генерален штрајк. Почнавме уште во раните утрински часови со собирање на сметот, со оглед дека имаме и законска обрвска дел од сметот од главните улици што мора да се собере. Во текот на денешниот ден и наредните денови поинтензивно ќе се собере сметот од сите места“, велат работниците од „Комунална хигиена“.

Од Општина Тетово ветија решение за долгогодишните проблеми на работниците на ЈКП Тетово и нивен подобар статус.

„За справување со предизвиците и неуспехот на општинското претпријатие, одлучено е формирање на две нови претпријатија, едно за водовод и канализација, и едно за менаџирање со отпадот.Важно е да се напомене дека Општина Тетово веќе има потпишан договор со приватен оператор и овој договор, кој стапува на сила на 1 декември 2023 година, ќе резултира со префрлување на работниците од општинското претпријатие во новото претпријатие „ОЕНЕУМ“. Со оваа измена, сите работници ќе земаат редовно плата, додека општина Тетово ја презеде обврската да обезбеди исплата на сите заостанати плати за овие вработени.Што се однесува до ЈП за водовод и канализација „Шари“ во фаза сме на трансформација на работниците од ЈКП Тетово во ново претпријатие. Со ова ќе се решат проблемите со платите и на овие работници. По завршувањето на овој процес, Општина Тетово ќе подготви посебна стратегија за заложба и обезбедување на плати за работниците кои ќе останат во сегашното ЈКП“, информираа од Општина Тетово.

Во ЈКП Тетово со договор и без договор на дело се вработени 400 луѓе кои едвај преживуваат со години, поради нередовна исплата на платите.

 

 

АКТУЕЛНО