Search
Search

Со пари од градскиот буџет ќе се покриваат и загубите и плановите на „Градски паркинг“

Зголемени трошоци за електрична енергија, намален обем на работа на секторот Пајак, усогласување на платите со минималната плата, намалените цени за зонско паркирање, се само дел од причините што ги наведува „Градски паркинг“ како објаснување за загубата од околу 200.000 евра остварена минатата година

Град Скопје со пет милиони денари субвенции ќе му помага на ЈП „Градски паркинг“ да проектира и да гради монтажни паркиралишта, пари што за оваа намена се предвидени во градскиот буџет за 2023 година. Изградбата на монтажни гаражи е потребна поради зголемениот број возила и недостигот на места за паркирање, поради што во Скопје сѐ почеста е појавата на недозволено паркирање на тротоари и на зелени површини.

Одлуката за субвенционирање треба да ја донесат советниците на седницата закажана на последниот ден од август, на предлог на градоначалничката Данела Арсовска. Но, во предложената одлука не е ништо прецизирано, ниту колку монтажни паркиралишта би се изградиле со тие пари, ниту каде, ниту кога би почнала нивната изградба. Дадено е само објаснување за нивната функционалност и изглед.

 

 Привремените паркиралишта претставуваат челични монтажно-демонтажни модуларни еднокатни конструкции со кои се зголемува т.е. се удвојува расположливиот паркинг-простор, а од друга страна се намалува времето потребно за барање на слободно паркинг-место што влијае врз намалување на загадувањето и врз зачувување на околината. Нивната основна предност е што по истекот на предвидениот период на користење, можат да се демонтираат и повторно да се монтираат на друга локација. Монтажата со примена на стандардизирани челични елементи и унифицирани монтажни врски, по правило, е брза и едноставна – се вели во образложението на предлог-одлуката.

Останува да се види дали ова образложение ќе биде доволно за советниците да кренат два прста за одлуката, особено што од нив се очекува на истата седница да гласаат и за покривање на загубите што ова претпријатие ги направило во 2022 година и да дадат согласност за поднесената Годишна сметка за минатата година.

Од 1 јануари до 31 декември минатата година, ЈП „Градски паркинг“ остварило вкупен приход од 222.873.110 денари, прикажало расходи од 235.890.779 денари, што резултирало со загуба од 13.017.669 денари, односно околу 200.000 евра. Како што е наведено во Годишната сметка на претпријатието, постојат повеќе причини за прикажаната загуба какви што се зголемени трошоци за електрична енергија, намален обем на работа на секторот Пајак, усогласување на платите со минималната плата за 2992 денари, намалените цени за зонско паркирање.

Минатата година најмногу приход е остварен од наплата за паркирање, нешто повеќе од 200 милиони денари, а малку потфрлила работата на „пајаците“ каде што се регистрирани приходи од околу 14,5 милиони денари, односно 5,28 отсто помалку споредено со 2021 година.

 Јавното претпријатие заклучно со септември имаше незадоволителен број налози издадени од МВР, со што приходите од овој сектор беа на исклучително ниско ниво. Со цел надминување на ваквата состојба се интензивира соработката со комуналните инспектори со цел одржување континуитет во работењето на овој сектор. Во текот на последните три месеци од годината е остварен значителен приход од работењето на сектор пајак како резултат на добрата соработка со МВР – ги објаснуваат од „Градски паркинг“ резултатите од секторот Пајак.

Најголем дел од расходите се направени за плати и за други трошоци, односно за 246 вработени и за 38 луѓе ангажирани преку Агенцијата за времено вработување, минатата година се потрошени точно 137.610.542 денари.

ЈСП „Скопје“ минатата година ја завршил со загуба од над 6 милиони евра

На седницата в четврток советниците треба да дадат согласност и за годишната сметка на долгогодишниот „загубар“ ЈСП „Скопје“ и да се согласат за покривање на минусот од 383.928.366 денари, односно повеќе од 6 милиони евра, што јавниот превозник ги направил минатата година.

Во текот на 2023 година основачот да најде начин за покривање на загубата со оглед дека се исцрпени законските резерви на ЈСП Скопје, па според Законот за јавните претпријатија, основачот да изврши докапитализација на претпријатието – се вели во одлуката што ја донел Управниот одбор на ЈСП.

Јавниот градски превозник со години добива милионски субвенции од Градот за своето работење и секоја година ја завршува со загуба. Минатата година ЈСП остварил како приходи 1.699.252.000 денари, а расходи 2.083.180.000 денари.

Извор: Слободен печат

 

АКТУЕЛНО