Search
Search

Со словенечка донација се реконструира колекторскиот систем во Дојран

Со донација од 3,5 милиони евра од Словенија денеска започна проектот за санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран, со кој системски се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во целата општина.

На почетокот на почнувањето на работите присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, амбасадорот на Словенија во земјава, Грегор Прескер, како и Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

„За прв пат по повеќе од 40-тина години, оваа Влада вложува во рехабилитацијата на системот за отпадни води, овде во Дојран. Од изградбата на стариот колектор и неговото пуштање во употреба во 80-тите години, досега, тоа не било направено. Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро кое што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година“, истакна премиерот Ковачевски во неговото обраќање на настанот во Дојран.

Тој рече дека државава воспоставила регионална соработка со сите соседни држави во сите области на заштита на животната средина со цел усогласување на нашето законодавство со европското и подготовка за преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 27- животна средина и клима.

Амбасадорот на Словенија, Грегор Прескер, објасни зошто неговата држава дала донација за обнова на овој систем:

„Предложениот проект не е само од билатерално и национално значење, туку и меѓународно бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта, дел од иницијативата Балкански зелен појас и е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици. Затоа решивме активно да го поддржиме овој проект бидејќи сакаме и идните генерации да уживаат во убавината на Дојранското езеро“.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов се заблагодари на Владата, како и на Амбасадата на Словенија за обезбедените средства за проектот.

 

 

АКТУЕЛНО