Search
Search

Соборниот храм одбележува 33 години од осветувањето

На 12 август во 1990 година во Скопје бил осветен Соборниот храм на автокефалната Македонска православна црква „Свети Климент Охридски“.

Каменот-темелник е поставен на 23 април 1972 година, по проект на архитектот Славко Брезоски. Црквата е од тип ротонда, со димензии 36 x 36 м. и се состои од само од куполи и лакови, под кои е опфатена површина од околу 1.000 м2. На тој простор може да се соберат речиси 6000 верници.

Главната црква му е посветена на Св. Климент Охридски, а долната црква на Св. Богородица. Од капелите, едната им е посветена на Цар Константин и царицата Елена, а другата на светиот маченик Мина.

Кога ќе се влезе во внатрешноста на црквата, особено внимание привлекува иконостасот што е направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората- лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 м во должина и 12,5 м во висина. Иконите што се сместени во него се насликани од Ѓорѓи Даневски и Спасе Спирковски.

Под централната купола се наоѓа 3,5 м високиот архиепискописки престол. Двата стола спроти него се високи по 2 м и според каноните, се наменети за световниот владател и неговата сопруга.

Централната купола е со површина од 650 м2. Фреските се дело на академскиот сликар Јован Петров со соработниците. Првпат во светот Исус Христос е насликан на површина од 70 м2, при што пречникот на едно око му е 1,5 м. Отстапувањето од каноните е тоа што пророците, наместо во стоечка положба се насликани во седечка положба. Второ отстапување од црковните канони е што се оставени големи прозорци. За да се одбегне големо количество светлина поставен е кристален плексиглас, што во зависност од аголот под кој паѓа светлината создава прекрасни преливи на бои.

Осветлувањето на црквата се врши преку пет тони тешкиот полилеј што е поставен под централната купола. На него се наредени околу 400 светилки. Вториот полилеј, кој е во средината, виси над светиот престол во олтарот.

Врз основа на проектот што го подготви архитектот Славко Брезовски, изградбата почна на 23 април 1972 осветувањето е извршено по повод 1150 годишнината од раѓањето на патронот, св. Климент Охридски на 12 август 1990 во времето на Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Гаврил.

На 45 метри висока камбанарија, што се наоѓа во дворот, лево (на север) од главниот влез на црквата, се поставени 3 камбани. Најголемата е тешка 1000 кг, втората 500 кг, а третата 300 кг и сите се излеани во Австрија.

Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.

 

 

АКТУЕЛНО