Search
Search

Советниците во Карпош и Град Скопје пет месеци работат без пари, Арсовска и Јакимовски не им ги исплаќаат паушалите

На советниците во Советот на Град Скопје и во Советот на Општина Карпош веќе пет месеци не им се исплатени месечните паушали за нивната работа. Последната исплата, како што велат, е за април. Оттогаш, па до крајот на септември, советниците во Скопје имаат одржано седум седници, по две во јули и август, а во мај, јуни и септември по една. Но, од Град Скопје, иако овие средства се предвидени и обезбедени во Буџетот за 2023 година и законски им следуваат за присуство на седници, на сметките на советниците парите не се „легнати“.

Нема објаснување од Град Скопје и од градоначалничката Данела Арсовска зошто ова се случува. Советниците реагирале и до Инспекторатот за локална самоуправа, а некои од нив најавуваат и тужби, за на тој начин како што тврдат, да си ги добијат средствата кои им следуваат.

Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Марија Андоновска вели дека не ѝ е јасен мотивот на Арсовска зошто нема исплата, бидејќи средства во Буџетот има за оваа намена, како законска обврска.

Сите советнички групи, преку претседателот на Советот, имаат реагирано и до Инспекторатот за локална самоуправа. Воедно, за неисплата следуваат камати, кои за жал ќе треба да се одлеат од градската каса и тоа претставува свесна злоупотреба на службена положба, која директно прави штета на Буџетот на Град Скопје. Ќе повторам, навистина не ми е јасен мотивот на градоначалничката, ниту пак имаме одговор од неа, како за ова, така и за сите останати теми што ги засегаат граѓаните. Со нејзиното недоаѓање на седници и неодговарање на советнички прашања, не го игнорира Советот, туку ги игнорира граѓаните на Скопје и нивните потреби – вели Андоновска.

Од Град Скопје веќе вообичаено не одговорија на прашањата од „Слободен печат“ поради кои причини не се исплатени пет паушали и кога ќе се изврши исплатата.
Советниците пак во Советот на Карпош си имаат друга мака. Како што велат, последен паушал им бил исплатен во април и оттогаш до денес ништо. Кај нив е проблем што некои од седниците градоначалникот Стевчо Јакимовски не ги признава, како на пример седницата одржана во јули, кога Јакимовски ги повлече сите точки од дневен ред и си замина. Но, советниците од ВМРО-ДПМНЕ истите точки повторно ги предложија на дневен ред и седницата се одржа.

Неколкуте советници со кои разговаравме и кои ни раскажаа што се случува со паушалите, не сакаа да зборуваат со име и презиме затоа што, како што рече еден од нив „градоначалникот потоа ќе направи драма од тоа“.

Последното објаснување беше дека имало некој проблем со софтверот, ама тоа демек беше за ден-два, а еве од тогаш поминаа неколку недели. Неофицијално, градоначалникот ги казнувал советниците што не гласаат ДУП-ови. Сите се свесни дека ова е „казна“ од градоначалникот, но најинтересно е што ги казнува и советниците што му ги поддржуваа ДУП-овите – вели нашиот соговорник.

На минатата седница, како што дознаваме советниците од СДСМ јавно, од говорница соопштиле дека повеќе нема да присуствуваат ниту на седници, ниту во работата на комисиите додека не се исплатат паушалите.

Побаравме одговор и од Општина Карпош колку паушали не им се исплатени на членовите на Советот и зошто, но и кога ќе им бидат исплатени. Од градоначалникот Јакимовски стигна кус одговор само на прашањето – зошто не се исплатени.

Не е проблемот во тоа колку паушали не се исплатени, вистинското прашање е што сработиле тие советници да земат месечен паушал во висина од една минимална плата од над 20.000 денари? Секој треба да го добие тоа што го заработил – тврди Јакимовски, кој не прецизира кога ќе се исплати долгот кон советниците.

Законски, на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на Град Скопје им припаѓа месечен надоместок за присуство на седниците и надоместок за патните и дневните трошоци. Износот што го добиваат градските советници на месечно ниво е во висина од една просечна плата исплатена во државата минатата година. Паушалот на членовите на општинските совети зависи од бројот на жителите во општината и се движи од 40 отсто од просечната месечна нето-плата во Македонија исплатена за претходната година во општини до 10.000 жители, до 70 отсто во општини со над 50.001 жител.

Месечниот надоместок за присуство на седниците на Советот се намалува за 30 отсто за секое отсуство од седница на советот, а не се исплатува доколку во тековниот месец не се одржала седница или доколку советникот не присуствувал на седница.

Извор: СП

 

 

АКТУЕЛНО