Search
Search

ССМ бара раководството да не си ја мери силата преку вработените во обезбедувањето на „Водовод“

По инцидентот во скопски „Водовод“ помеѓу претседателот на Управниот Одбор на претпријатието, Идриз Орана и обезбедувањето, по што интервенирала и полицијата, Сојузот на синдикати на Македонија му порача на раководството на ова ЈП „да не си ја мери силата преку вработените, застанувајќи на страната на обезбедувањето“.

Од ССМ преку соопштение објаснија дека проблемот настанал откако повторно по наредба на директорот Драган Илиевски им било забрането да држат состанок во канцеларијата на 4 спрат, каде со години се држат состаноци.

– Им било речено да одат на петиот, најгорен кат, каде нема канцеларија туку треба да држат состанок во ходник. Членовите не прифаќале да одат на петиот кат, но обезбедувањето не ги пуштало да влезат во канцеларијата, по што настанала тепачка. Поради тепачката во „Водовод“ дошла и полицијата – велат од ССМ.

Од ЈП „Водовод и канализација“ информираа дека овој е последен од серијата инциденти со кои менаџментот, но и вработените на претпријатието се соочуваат во изминатиот период.

– Овој тип на инциденти создаваат непријатна и нездрава средина за нормално фунционирање на вработените, а за жал во некои од нив, покрај вербалните има и физички навреди, закани и притисоци. Сите овие настани и инциденти се пријавени во МВР. Претседателот на УО, Идриз Орана се обиде да иницира и физички судир со обезбедувањето кое го спречи развојот на немилите настани, на мирен и достоинствен начин, со цел задржување на редот и безбедноста во претпријатието – се вели во соопштението од ЈП „Водовод“.

Од ССМ велат дека директорот Илиевски е поставен од скопската градоначалничка Данела Арсовска, а членовите на Управниот одбор се поставени од времето кога таа не беше скарана со ВМРО-ДПМНЕ.

– Благодарност до вработените кои и покрај се се воздржаа, совесно постапуваа и не дозволија инцидентот да ескалира, а бараме институциите да ги заштитат вработените кои впрочем се задолжени да се грижат за редот и мирот како и за безбедноста во јавното претпријатие и кои се овластени службени лица со лиценца за обезбедување и нападот на нив треба да се третира како напад на службено лице при вршење на должност и треба најостро да биде санкциониран – велат од синдикатот и укажуваат дека напад на работник на неговото работно место не смее да се дозволи, а особено не од оние кои треба да водат грижа за работниците.

Од менаџментот на ЈП „Водовод“ му порачуваат на Орана „да престане со притисоците врз членовите, вработените, со иницирање на инциденти, како и со обвинувања за нефункционалноста на менаџментот само за да ја исполни својата цел – неговата сопруга да продолжи со континуирано повеќегодишно продолжување на боледувањето и истата да биде „недопирлива“ за проверка, казна, дисциплинска и друга одговорност. Правилата, прописите и протоколите за работа мора да се почитуваат и да важат за секого, без разлика дали е функционер, претседател на управен одбор или не).

АКТУЕЛНО