Search
Search
Фото/Градска редакција

Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Без правилник за квалитет на цврсти горива, без листа со приоритетни објекти за замена на греењето, без ограничување на користењето влажни дрва, но со субвенции и кампања на социјалните мрежи македонските власти на различни нивоа се борат против аерозагадувањето. Владата во својата програма ветуваше дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее на стари и нееколошки системи за греење.

Македонските власти немаат донесено правилник за регулирање на квалитетот на цврстите горива, открива директорот на Државниот инспекторат за животна средина. Тој правилник е значаен за намалување на аерозагадувањето.

„Не е донесен правилникот за квалитетот на цврсти горива, како што се дрвата и јагленот и има проблем околу оние кои на пазарот пласираат цврсти горива. Тој правилник треба да се донесе, кадешто ќе се регулира квалитетот на цврстите горива, како истите не би дополнително придонесувале за загадување на амбиенталниот воздух“, вели Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Во една од најзагадените скопски општини – Аеродром, повикувајќи се на истражување од пред скоро деценија, нѐ информираа дека дрвата се главен енергенс за загревање во куќите во општината.

„Општина Аеродром во периодот од 2010 до 2015 година периодично во зимскиот период, односно периодот на грејната сезона, спроведуваше анкета во индивидуалните станбени објекти (куќи) во населба Горно Лисиче, населба Лисиче и село Долно Лисиче, од која се заклучи дека 80 проценти од домовите користат дрва како средство за греење“, велат од општина Аеродром.

Не била можна контрола на продажбата на огревни дрва

Користењето на влажни дрва создава повеќе чад, повеќе штетни честички, а ги оштетува и оџаците. Министерството за животна средина препорачува да не се користат дрва кои не се шест месеци сушени. Прашавме дали државата, за да спречи загадување од влажни дрва, треба да забрани продажба на огревно дрво секоја година од месец јуни и зошто тоа досега не е направено?

Преку кампања наречена „Топли препораки“ се информираат граѓаните „за тоа како се одразува начинот на затоплување врз нивното здравје и врз здравјето на најблиските. Горењето на влажни дрва, пластика, обработено дрво, масла и слично влијае не само врз квалитетот на амбиенталниот воздух, туку и на воздухот во домовите, што директно го дишат сопствениците“, велат во Министерството.

Институции се греат на нафта, мазут и дрва

Додека населението преку социјални мрежи се едуцира да не се грее на влажни дрва и да купува енергетски ефикасни печки: „значителен број од јавните институции користат системи за греење, кои како гориво користат екстра лесно масло за горење (нафта) и дрва, додека одреден број користат мазут (главно здравствени установи) како гориво за греење. Јагленот како гориво е незначително застапен“, информираат од Министерството.

Во Холандија не се субвенционираат дрва, туку струја

Холанѓанецот Александер Долстра, кој пред скоро четири години одбрал да живее во Скопје и преку лична иницијатива се обидува да ги открие изворите на загадување во главниот град, оценува дека државните објекти придонесуваат во аерозагадувањето.

„Голем проблем се школите и болниците што сѐ уште се греат на мазут и коишто треба да се модернизираат“, нагласува Долстра.

Тој се противи на субвенционирање дрва, како што има во општина Кисела Вода, што според него е популистичка мерка и не е долгорочна визија за справување со аерозагадувањето. Според Долстра, властите и на државно и на локално ниво не работат на некаква долгорочна визија за решавање на проблемите на граѓаните.

По неколку месеци Александер и неговата сопруга Ива, со помош на студенти, создадоа софтвер и вебапликација наречена Breathe.mk, преку која ќе се пријавува загадување до градскиот инспекторат со внесување на местото и фотографија од загадувањето. Поради вклученоста на градски инспектори, пред нејзиното пуштање таа треба да го помине одобрението во Советот на Град Скопје. Но, таа процедура трае со месеци и сѐ уште не е завршена.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Извор: Нота

Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

АКТУЕЛНО