Search
Search

Стратегија за развој на урбано зеленило: Чувањето на дрвјата треба да има приоритет при подготовка на ДУП

Постојат повеќе делови во Скопје, кои можат да се уредат како поголеми зелени површини, кои се многу неопходни за градот. Во Стратегијата за развој на зеленилото за периодот од 2024 до 2034 година, која на крајот од минатата година ја донесе Советот на Град Скопје, се наведуваат делови од скопските општини погодни за уредување зеленило.

Во општина Карпош, дел од градските четврти З 04, на север од Карпош 3 и З 05, на север од Карпош 4. Делот од површината во ГУП за Скопје 2012-2022 е со намена Д3-спорт и рекреација на зелени површини, да се пренамени во Д1-парковско и пејзажно зеленило. Во општина Центар, дел од градските четврти ЦЗ-Француски гробишта, Тетовска трошарина и Парк 2. Просторот во претходните планови е наменуван за проширување на Градскиот парк на левиот брег на реката Вардар. Во општина Гази Баба, дел од градска четврт СИ 09-Маџари исто така може да се пренамени од Д3-спорт и рекреација на зелени површини, да се пренамени во Д1-парковско и пејзажно зеленило – се посочува во Стратегијата.

Во општина Чаир има можност за неколку мали паркови и тоа во џамија Хаџи Хајредин и кај новите станбени комплекси во ССИ 05-Серава. Во општина Центар, како што пишува во Стратегијата, веќе постојат неколку планирани локации за паркови, кои треба да се реализираат, во Капиштец јужно од ТЦ „Беверли Хилс“ и на просторот кај поранешна фабрика „Треска“.

Стратегијата за развој на зеленилото претставува основен базичен документ за зеленило врз кој се носи петгодишен план и годишни програми, а дава и насоки за изработка на Генералниот урбанистички план за да се овозможи креирање на основната зелена инфраструктура на градот, да се обезбедат земјишта и простор за оваа намена, да се заштитат постојните зелени површини од пренамена и слично.

Како што е познато, Законот за урбано зеленило предвидува дека со ГУП треба да се обезбеди простор од 25 метри квадратни јавно урбано зеленило по жител и 20 отсто од секоја градежна парцела да биде зелена површина. Тоа е особено битно кога во услови на прекумерна урбанизација и изградба, инвеститорите честопати „забораваат“ дека на луѓето освен домови им е потребна и здрава животна средина и многу зеленило.

Стандардот од 25 m2 по жител за обезбедување земјиште за урбано зеленило за целиот Град, утврден со Планот од 1965 година, не е сѐ уште постигнат. Интересно е дека постигнатите стандарди се намалуваат во периодот од 1965 до 2012 година (од 25 m2 по жител во 1965 год, на 21 m2 во 1985, а во документот од 2002 година на 18,5 m2 по жител). Но, во последниот Генерален урбанистички план, повторно се воспоставува стандард од од 25 m2 по жител, што е услов утврден со Правилникот за урбанистичко планирање и со Законот за урбано зеленило – се вели во Стратегијата за развој на зеленилото.

Снимањето на теренот направено во 2019 година, покажало дека високото зеленило, стеблата повисоки од 2,5 m, покриваат вкупна површина од 1043,47 хектари што претставува 12% од територијата опфатена со Генералниот урбанистички план.

Чувањето на високото зеленило треба да има приоритет при подготовката на деталните урбанистички планови. Уште повеќе, затоа што дрвјата имаат и психолошко значење за граѓаните на Скопје, тие жестоко се борат да се сочува секое стебло – пишува во Стратегијата.

Постојат неколку комплекси на поголеми зелени површини во Скопје како што се рекреативниот центар Сарај, Градскиот Парк, Кале, парк-шумата Гази Баба, зелените простори околу Шумарскиот, Земјоделскиот и Ветеринарниот факултет и крајречниот зелен појас на Вардар, но тие не се меѓу себе поврзани.

 

АКТУЕЛНО