Search
Search

Студент откри дека норвешка министерка го препишала магистерскиот труд заедно со грешките

Сандра Борх, норвешката министерка за истражување и високо образование, поднесе оставка минатата недела откако студент од Осло откри дека делови од нејзиниот магистерски труд, вклучително и правописните грешки, биле копирани од друг автор.

Студентот, 27-годишниот Кристофер Рајтерагер, бил особено вознемирен што Борх претходно била ревносна во казнувањето на академските прекршоци. Неколку студенти се мачеле со случаи на „самоплагијат“ затоа што земале цели делови од нивната претходна работа.

Тие се ослободени од пониските судови, но министерката ги однесе пред Врховниот суд. „Студентите беа избркани поради самоплагијат. Се налутив и мислев дека би било добра идеја да ја проверам работата на министерката“, изјави Рајтерагер за Асошиетед прес.

Рајтерагер, кој студира на Бизнис школата БИ во Осло, вели дека нашол неколку делови кои му биле сомнителни, по што открил дека тоа не се зборови на министерката. Минатиот петок медиумите ги пренесоа објавите на Рајтерагер на Х и ги објавија откритијата.

Борх поднесе оставка истиот ден. „Кога го напишав мојот магистерски труд пред околу 10 години, направив голема грешка. Презедов туѓ текст без да наведам извор“, признала таа во интервју за норвешката новинска агенција NTB.

По откритието почна да се проверува и академската историја на други политичари. Наскоро, неколку весници открија недоследности во работата на министерката за здравство, Ингвилда Керкол. Таа ги обвини „грешките во уредувањето“ за сличностите меѓу нејзината академска работа и онаа на другите автори.

Премиерот Јонас Гар Шторе ја прифатил оставката на министерката Борх, велејќи дека нејзините постапки „не се компатибилни со довербата потребна за да биде министер за истражување и високо образование“. Сепак, тој ја поддржал Керкол, посочувајќи дека за академските прекршувања треба да судат универзитетите, а не политичарите.

АКТУЕЛНО