Со 74 гласа „за“ и ниту еден против пратениците денес ги усвоија Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк според кој средствата наместо на дневно ќе се исплаќаат на неделно ниво.

„Оваа измена ќе биде во сила од 01.03.2024, а повеќе детали околу новиот начин на исплата на оброкот ќе има на стори“, напишаа на Инстаграм од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) кои се подносители на иницијативата за измени на Законот.

 

Субвенционираниот студентски оброк изнесува 140 денари на ден. На своите посебни сметки наменети за оваа мерка, студентите добиваат финансиска поддршка за оброк секој ден од понеделник до сабота и може да ја користат кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

Законската измена гласи: Доколку корисникот на субвенциониран студентски оброк во периодот од ставот (3) на овој член не го искористи правото на субвенциониран студентски оброк износот од субвенциониран студентски оброк му е достапен за користење на сметка до крајот на тековната седмица заклучно со ден сабота.

,,Тоа значи дека средствата се исплаќаат дневно, но доколку не ги трошите, ќе се собираат на вашите сметки заклучно со сабота. Во сабота располагате со 840 денари. Доколку во сабота не се искористат средствата, нема да ви бидат достапни. Оние студенти кои сакаат средствата да ги трошат неделно, потребно е првите пет дена да не го трошат оброкот од носењето на измените и потоа да си пазарат од сабота до сабота”, велат од УСС УКИМ.