Search
Search
Фото Фејсбук град Скопје

Течат роковите за Арсовска, Министерството за култура ги очекува документите за Универзална сала

Советниците на Град Скопје пред два дена ја  изгласаа третата инцијатива за времено отстапување на  Универзалната сала на Министерството за култура. Градоначалничката Данела Арсовска засега молчи, од Министерството за култура велат дека се подготвени за преземање согласно законските обврски.

Со прифаќањето на  иницијативата за времено отстапување на корисничко право на објектот се задолжува градоначалниката Данела Арсовска во рок од седум работни дена од усвојување на иницијативата да подготви предлог одлука за времено отстапување на објектот и да му ја доставуви на советот на првата наредна седница за усвојување, исто така во рок од седум дена треба да се подговтви и договор за промена на инвеститорот, од Град Скопје во Министерството за култура.

Од Град скопје засега молк. Како и вообичаено никој не одговара дали документите се во фаза на подготовка, до каде е процесот на реконструкција и колку пари се потрошени.

Во одговор за Градска.мк, од Министерството за култура  велат дека има план како да се заокружи процесот на преземање на објектот и изврши промена на инвеститор.

фото/фејсбук: Град Скопје

-Тие постапки се предвидени со законските прописи. По донесувањето на одлуката на Советот, потребно е да се склучи договор за промена на инвеститор со Градоначалникот и да се изврши записничко примопредавање на објектот и на целокупоната документација. Министерството согласно овие акти ќе може да поднесе барање за промена на инвеститор во Општина Центар како надлежен орган за давање на одобрение за реконструкција. Планот за реконструкција на објектот. Министерството за култура по преземањето на објектот и на документацијата ќе изврши увид во истите и врз основа на состојбата и предвиденото ќе изготви план за реализација на на изведбата, појаснуваат од Министерството.

Како што додаваат во својот одговор за Градска.мк финансиските импликации ќе бидат согледани по преземањето на документацијата од Градот Скопје.

-Во моментот Министерството нема информации и податоци за финансиските импликации од реализацијата на проектот. Она што го имаме како податок е тоа дека Владата на Градот Скопје има префрлено 2 милиони евра за реализација на проектот, колку пари се реализирани од овие средства и колку се останати, и колку се потребни за довршување на проектот, Министерството за култура ќе согледа по преземањетро на документацијата, велат тие.

Предлогот иницијативата ја предложи група од советници на СДСМ, а против ова одлука беше само групата советници на Левица, а отстапувањето ќе биде од времен карактер, односно откако Универзална сала ќе биде завршена повторно ќе биде вратена на Градот. Преземањето е потребно за да може Владата преку Министерството за култура да ги спроведува сите постапки за реконструкција.

Советниците од СДСМ досега двапати доставија ваква иницијатива со цел Владата преку Министерството за култура да ја реконструира салата, бидејќи  Арсовска тоа не го прави ниту има намера. Но, иницијативата не беше прифатена од другите советнички групи.

Иницијативата пак беше  поднесена врз основа на дописи од министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска од 20.01.2023 годин а и 28. 02.2023 година до координаторите на советничките групи, а имајќи ја во предвод важноста за побрзо ставање во функција на објектот на Универзална сала.

Отстапувањето треба да се изврши согласно Законот за користење и располагање на ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост, како и согласно Законот за градење.

Универзална сала е затворена 8 години, а градежните работи за реконструкција почнаа во септември 2021 во мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Според проектот, салата требаше да се гради во две фази, прво надворешноста за што беа обезбедени околу 2 милиона евра од Владата и префрлени на наменска сметка на Град Скопје. По завршување на надворешноста според планираното во 2022 година требаше да се уреди внатрешноста.

Сепак ништо од ова не се случи бидејќи отако Арсовска стана градоначалник, градежните работи беа прекинати, а таа го обвини претходното раководство дека е виновно што салата не се гради оти направило небезбеден проект.

Арсовска на оваа тема тврдеше дека е во право и јавно се искара и со Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ), проектантите и со министерката Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата која лани во февруари ја свика Министерството за култура за наоѓање заедничко решение и договор за соработка.

 

Соња Танеска


Министерството за култура ја презема Универзална сала, Арсовска треба да ја предаде за седум дена

АКТУЕЛНО