Search
Search

Тепања и детонации: Што се случи на северот на Косово по средбите на Курти, Борел и Вучиќ во Брисел?

Северот на Косово и понатаму останува тензично, иако мирно. Иако вчера имаше средба во Брисел на која се фокусираше на менаџирање на кризата, на северот имаше ненормални случувања.Покрај претепувањето на две лица на овој дел од Косово, во текот на ноќта имало и детонации за кои постои сомневање дека се бомби или огномет. Што се случи на север?

Косовската полиција во изјава за РСЛ извести дека во вечерните часови на 22 јуни, односно минатиот четврток, имало детонации. Полицијата се сомнева дека се работи за шок бомби или огномет, појаснувајќи дополнително дека по овие детонации нема повредени.

„Имаше детонации, може да се шок бомби или огномет. Нема извештаи за штети или повредени“. – изјави за Радио Слободна Европа заменик регионалниот директор за север Ветон Елшани.

Вчера околу 21 часот две лица биле претепани во Северна Митровица. Поточно, како што соопшти синоќа косовската полиција, на плоштадот „Цар Лазар“ биле претепани две лица на кои им била укажана лекарска помош. Понатаму, Елшани појасни дека нивната состојбата по лекувањето „е добра“.

„Вечерва околу 21 часот две лица биле нападнати на плоштадот „Цар Лазар“ на северот од Митровица. Настраданите добија лекарска помош во Јужна Митровица и нивната состојба е добра“, рече Елшани, не наведувајќи премногу детали.

Што беше кажано од Брисел?

Вчера во Брисел, на покана на шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, се одржа состанок за „менаџирање на кризата“, на кој беа поканети премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, иако двајцата не се сретнаа директно. По средбата Курти и Борел делуваа пооптимисти.

Курти изјави дека деновите што претстојат се веројатно подобри од оние што веќе поминале.

„Постојат знаци дека деновите што претстојат се подобри од оние што ги оставивме зад нас. Сепак, останува да се види. Јас сум хендикепиран затоа што немав директна средба, повторувам, оние кои рекоа ДА на договорот, а не го потпишаа и кои изгледа се каат што кажаа ДА, сега одбиваат да се сретнат со мене, а од друга страна држат тројца косовски полицајци како заложници. За нас е многу тешка ситуација, но правиме се што можеме. Како што можете да видите, во Брисел сè уште е бел ден, можевме да ги продолжиме разговорите, иако е најдолгиот ден во годината, сепак имаше време за интензивен дијалог додека не постигнеме договор. Мојата подготвеност не недостасува“. – рече Курти, додека ја обвини српската страна дека бега од дијалогот.

Понатаму, во својата изјава Курти најави дека ја разбира потребата од предвремени избори во четирите општини на северот на Косово.

„Секако дека разбирам дека има потреба од предвремени избори во четирите општини на север, со процес на кој му претходи владеење на правото, отворена и фер кампања и слободни и демократски избори. – додаде Курти.

Додека Борел оцени дека двајцата лидери ја сфатиле важноста на ситуацијата, додавајќи дека Курти и Вучиќ се договориле за потребата од избори на северот.

Од друга страна, како што јави Радио Слободна Европа, Вучиќ нагласи дека „не може да потврди дека има некаков водич“ за излез од кризата на северот на Косово. Сепак, тој потврди дека дијалогот во Брисел сепак ќе продолжи.

„Ќе продолжиме да разговараме на дневна основа, бидејќи мирот и стабилноста се клучни, но предупредив дека Србите се во многу тешка позиција и дека не сакаат да го издржат теророт на Курти на начин на кој беа принудени до овој момент“, објасни Вучиќ.

Н. А.

 

АКТУЕЛНО