Search
Search

Тетовската библиотека се договори со Министерството за култура за преселувањето, ветени им се дополнителни простории

Тетовската библиотека „Кочо Рацин“ ќе се пресели на местото предложено од Министерството за култура кога ќе се реновира, а двете институции се договориле за книжевниот фонда да се најдат и дополнителни простории од околу стотина метри квадратни во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.

Овој договор следи откако вработените упатија писмено барање да се преиначи одлуката за преместување поради несоодветните услови за една библиотека.

– По нашето барање дојдоа двајца претставници на Министерството, ги видоа просториите, и нас ни се вети дека истите простории ќе бидат реновирани и адаптирани за работа на библиотеката. Исто ќе ни се дадат дополнителни простории бидејќи сегашните простории што ни се дадени не се доволни за функционирање на библиотеката. Ова беше еден устен договор меѓу вработените во библиотеката и Министерството за култура. Ние имаме направено спецификација за нашите потреби и според која треба да се реновираат просториите, како треба да се адаптираат. Овие денови се очекува да се направи комисија и да почнеме со работа, изјави Резарта Исмаили, директорка на библиотеката „Кочо Рацин“-Тетово.

Библиотеката досега функционираше во Центарот за култура во простории со вкупно 15 квадратни. Сега ги добиваат просториите во Центарот кои ги користеше Факултетот за музички уметности при Универзитетот во Тетово каде има 148 квадратни метри, но од нив 13 метри се ходници и истите се адаптирани за училници. Сега со дополнителниот договор на друго место во Центарот за култура ќе се најдат околу 100 квадратни метри.

– Ние веќе користиме магацини во Центарот за култура, но овие ќе бидат дополнителни од 80 до 100 квадратни метри, но на друго место, подалеку од местото каде треба да се преселиме. Сега за сега тоа е чекаме и писмено да имаме одговор дека ќе ни се дадат и дополнителните простории. Тоа за нас ќе значи многу, изјави Резарта Исмаили.

Библиотеката со децении се соочува со проблемот што нема сопствени простории. За долготрајно решение е почнат нов објект каде треба да се смести и библиотеката и установата Тетовски театар. Објектот е почнат да се гради 2014 година и сè уште е не завршен.

Фондот на библиотеката е над 140 илјади книги, а има 5600 запишани читатели.

АКТУЕЛНО