Search
Search

Туристите си имаат проблем: Во Скопје нема дневна паркинг карта, паркирањето се плаќа од час

Доколку граѓани од другите градови во Македонија или странци планираат да го посетат Скопје со автомобил и да останат во градот неколку дена мораат добро да се информираат за можностите каде ќе го остават своето возило. Во централното подрачје, кое е од најголем интерес за прошетки за туристите, паркирањето секаде се плаќа и не е воопшто евтино. Притоа, двете јавни претпријатија кои го регулираат паркирањето немаат дневни паркинг карти, како што тоа го има во повеќето главни градови во регионов,туку наплатуваат од час, а на зонските паркиралишта во центарот на Скопје времето на задржување е ограничено. Во останатите населби е поевтино да се паркира возилото или воопшто не се наплаќа, но вистинска среќа е да се најде слободно место.

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ ги нуди своите услуги на основа на час паркирање на комерцијалните отворени и затворени паркиралишта. Покрај тоа нудиме опции за различни типови на договори на месечна или годишна основа, како и месечен припејд билет доколку корисникот нема договор за паркирање а има потреба секојдневно да користи одреден паркинг – велат од ПОЦ, кое освен ЈП „Градски паркинг“, управува со паркиралиштата лоцирани во општина Центар.

Оттаму објаснуваат дека своите услуги не ги нудат во зависност од тоа дали се работи за жител на градот или не, а дека странците вообичаено плаќаат паркинг услуги по час, а доколку странскиот државјанин има потреба од подолг престој во државата, отворена е можноста да купи месечен билет на веб страната www.poc.mk за да го паркира своето возило на комерцијалните паркиралишта.

На прашањето дали размислуваат за воведување дневен билет кој гостите во градот би можеле едноставно да го купат или платат при влез во катна гаража или на затворените паркиралишта, од ПОЦ велат дека се подготвува понуда на нови услуги.

Во периодов се подготвуваат повеќе измени на правилниците и понуда на нови пакет услуги преку кои ќе се овозможат и други опции во однос на различни временски периоди како дневна или неделна карта. По подготовка и промена на правилниците на некоја од наредните седници на Советот на Општина Центар, како и оперативното адаптирање на процесите и информатичките системи, нашиот план е овие новитети да важат со почеток на наредната година – објаснуваат од ПОЦ.

Гостите во Скопје автомобилите можат да ги остават подолг период на едно од трите паркиралишта обезбедени со рампа во надлежност на ПОЦ и тоа на јавните паркирачишта „Дом на градежници“ и „Трготекстил“ кои се отворени 24 часа и каде еден час чини 50 денари, а нешто поевтино е кај „Автомакедонија“ каде се плаќа 40 денари од час. Тоа значи, дека доколку го остават своето возило еден ден, паркирањето би ги чинело 1200 или на поевтиното 960 денари. Во катната гаража пак кај Судска палата, паркирањето од час чини 30 денари. Цената на зонските паркиралишта се разликува во зависност од зоната и се плаќа со мобилен телефон.

И ЈП „Градски паркинг“ кое е надлежно за регулираните паркиралишта низ целиот град нема дневна паркинг карта. Но, оттаму не одговорија какви услови нудат за гостите во градот ниту дали планираат воведување на дневна паркинг карта. И во нивните две катни гаражи „Беко“ и „26 јули“ цената за паркирање од час е 30 денари. Неколку од нивните јавни паркиралишта и тоа „Кочо Рацин“, кај Градска болница и „Треска“ се отворени 24 часа. Во првите две паркирањето чини 35 денари од час, а на третото 25 денари.

Што се однесува до паркирањето на скопскиот аеродром, паркингот за возила се наоѓа веднаш пред терминалната зграда откако ќе се премине транзитната зона, и тука може да се остави автомобилот на неколку часа во текот на еден ден, но исто така, зависно од потребите, можете да го паркирате возилото и на подолг период. Цената за паркирање за еден час е 100 денари, од 8 – 24 часа 850 денари, за период од 3 до 7 дена се плаќа 2500 денари, 3500 денари чини од 8 до 14 дена и за период од 14 до 30 дена паркирање треба да се издвојат 5000 денари.

Овие цени не се однесуваат на транзитната зона, каде е бесплатно застанувањето до 10 минути, но ако се задрѓите до 20 минути ќе платите 500 денари, а за секои наредни десет минути до истекот на првиот час цената се зголемува за 500 денари. Потоа за секој нареден час се плаќа по 2000 денари.

Извор: СП

АКТУЕЛНО