(ВИДЕО) Скопјани сè уште во потрага по јавни тоалети

Граѓаните на Скопје го користат својот хумор и креативноста како оружје во серијата акции кои имаат цел да ја подигнат свеста за немањето на јавни тоалети во градот.

Последна беше на уметникот Озбек Ајваз во Градскиот парк фонтаната „Лотос“ каде постави скулптура што визуелно ја претставуваше бактеријата Ешерихија Коли.

„Со недостатокот на јавни тоалети, граѓаните се ставени во неудобни ситуации бидејќи не можат да одржат адекватна хигиена, што зголемува ризик од заболувања што се пренесуваат преку контакт, како што е наведената бактерија. За да се намали овој ризик и да се обезбеди подобра хигиена и здравје за граѓаните, неопходно е да се инвестира во изградба и одржување на доволен број на јавни тоалети ширум градот. Освен тоа, потребни се и стратегии за подигнување на свеста кај граѓаните за значењето на хигиената и користењето на јавните тоалети“, вели Ајваз.

И претходно имаше слична граѓанска акција кадешто на повеќе локации околу мостот „Гоце Делчев“ и во градскиот парк во Скопје, беа поставени знаци со натписи кои се однесуваат на недостатокот на јавни тоалети во главниот Град.

Градска редакција летоска реализираше анкета во главниот град и ги праша скопјани дали знаат каде има јавни тоалети во Град Скопје? Одговорите беа дека не знаат каде има  јавен тоалет, односно дека ако ги повикува природата се приморани да одат во кафулиња или тој во подрумот на ГТЦ.

Во многу случаи, луѓето се приморани да се обратат до кафичи или ресторани или пак по џамиите на Старата скопска чаршија за да се „олеснат“.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави