Search
Search

Власта се смени, ама не и политиката: И синот на Мицкоски заедно со министрите на Самитот на НАТО во САД

Во изминативе години, граѓаните на Македонија станаа сведоци на многубројни критики од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон претходната влада на СДСМ, особено во однос на транспарентноста и користењето на државните ресурси. Тие беа најгласни за патувањата на ќерката на поранешниот премиер Димитар Ковачевски во Ватикан, но и САД. Сепак, најновите случувања сугерираат дека истите практики кои беа критикувани сега повторно се појавуваат под новото раководство.

Синот на премиерот Христијан Мицкоски, 18-годишниот Јован Мицкоски, го придружуваше татко си на официјалното патување во САД за Самитот на НАТО во Вашингтон, каде се одбележаа 75 години од формирањето на Алијансата. Ова беше прво официјално патување на премиерот кој ја предводеше делегацијата со неколку министри и соработници, без присуство на неговата сопруга, Рози.

Фотографиите од посетата, споделени на социјалните мрежи, прикажуваат дека Јован Мицкоски е во друштво на својот татко, американскиот експерт Едвард Џозеф и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на терасата на Институтот за надворешна политика на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, каде премиерот одржа предавање на почетокот на посетата на 8 јули. По Вашингтон, делегацијата престојуваше и во Њујорк.

Прашањата околу присуството на синот на премиерот во државната делегација, неговите активности во САД и трошоците за патувањето останаа без официјален одговор од Владата.

Дали тоа значи дека додега се движеле низ Вашингтон и Њујорк синот на Мицкоски парувал со посебно возило платено од приватни пари, дали користел метро, потоа дали кога требало да се руча плаќале на одвоени сметки итн.

Од ВМРО-ДПМНЕ испратија  соопштение во кое се тврди дека Јован не е дел од официјалната делегација и дека сите трошоци за неговото патување се покриени приватно од семејството Мицкоски.

„Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација на НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски… Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив сè е транспарентно“, изјавија од партијата.

Интересно е што слични критики од граѓаните, но и од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа упатени кон поранешниот премиер Димитар Ковачевски од СДСМ, кога лани во мај го придружуваа неговата сопруга, ќерката и синот на официјалната посетата во Вашингтон и Њујорк. И тогаш, Ковачевски истакна дека трошоците за патувањето на неговите деца не биле на товар на државниот буџет. 

 

 

АКТУЕЛНО