ВМРО-ДПМНЕ го изгласа ДУП-от за Лисиче, ќе никне 12-катница

Со 16 гласа ЗА и 11 против  усвоен е ДУП-от за Лисиче за градската четврт ЈИ 09, блок 09.01 на вчерашната седница на Советот на Општина Аеродром. Советниците на СДСМ и Левица гласале против, а ЗА гласале советниците од Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Спорниот ДУП за Лисиче на дневен ред на седницата на Советот на Општина Аеродром е доставен како „дополнителна точка на дневен ред.

Спорниот ДУП беше ставен три пати на јавна анкета.

Околу 230 анкетни листови доставија жителите на Лисиче до Општина Аеродром на вториот повик, по жестокиот отпор од тамошното население и протестите поради првичниот план за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“.
Предлог ДУП-от за Лисиче ЈИ 09.01, по трет пат на јавна анкета. се најде во 2023 година на 10.08. и траеше до,16.08. во периодот на годишни одмори.

Во август минатата година Милутин Ристески, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општина Аеродром истакна дека Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш ги излажаа граѓаните. Очигледно Муцунски нема намера да се откаже од намерата за изградба на највисоката висококатница, за која е предвидено да брои 12 ката, односно приземје, 10 ката и поткровје, рече Ристески.

Градоначалникот на Аеродром Тимчо Муцунски, тогаш посочи дека на локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво „бетонирање“, напротив станува збор за детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95% објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој за првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.

Од општината велат дека ДУП-от предвидува изградба само на една зграда, два паркови и решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.

„Финалната верзија на урбанистички план е изработена да го унапреди урбаното живеење и да го подобри квалитетот на живот во Аеродром и во истата се инкорпорирани забелешките и мислењата на сите засегнати страни“, велат од општината.

Според нив, со донесувањето на урбанистичкиот план, уште еднаш покажале отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните и ДУП-от отвора можност за понатамошен економски развој на општината.

„Изработката на деталниот урбанистички се реализираше транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност. Дополнително, ДУП-от за дел од населбата Лисиче доби позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина, Градот Скопје и сите надлежни институции“, велат од општината.

Потенцираат дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Од тука, во целост ги отфрлаат тврдењата за наводна бетонизација на општината и коментираат дека овие обвинувања единствено одат во прилог на дневно политичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати.

АКТУЕЛНО