Search
Search

Во „Генералка викенд 2023“ собрани 252 тони отпад

Собрани се 252 тони отпад во третата еко-акција „Генералка викенд“ што од 12 до 14 мај  2023 се одржа на 304 локации во 51 општина и во Националниот парк  Шар Планина. Учествувале 15 811 волонтери, меѓу кои и деца од над 300 училишта и градинки. Во просек, секој волонтер собрал по околу 16 килограми отпад. Акцијата овозможува и пошумување затоа што наместо да заврши на депонија, од отпадот се произведени над 20 илјади садници кои ќе придонесат за почист воздух.

Организаторите на акцијата на прес-конференција соопштија дека се задоволни од рапидниот пораст на учесници во споредба со претходните две години. Според нив, акцијата станува препознатливо движење и заштитен знак за создавање добри навики во постапувањето со отпадот и неговото селектирање.

Годинашната еко-акција „Генералка викенд“ со масовноста ги надминала и нивните очекувања и покажува тренд на зголемена  еколошка свест особено кај младата популација. Учествувале речиси еден процент од вкупното население во државава – од деца во градинки, вработени и работодавци, до пензионери.

Општина Кочани се вклучи во големата национална еко-акција „Генералка викенд“ за собирање и селектирање на отпадот од јавните површини.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова смета дека тоа треба да стане навика и пракса на секој граѓанин во државата затоа што секој од нас, како што рече, има обврска и треба да помогне во овој процес.

Таа ги соопшти резултатите во бројки: од вкупно собраните 252 тони отпад во еден викенд, 6330 килограми се пластика, 6662 килограми хартија, 1915 килограми стакло, 18 192 килограми електронски отпад,  23 670 килограми кабаст  отпад, 140 408 килограми градежен отпад и 55 504 килограми неселектиран, мешан отпад.

-Овие податоци покажуваат дека од вкупно 252 681 килограм отпад, само 55 504 килограми завршија на депонија, а останатото има употребна вредност и ќе се искористи како секундарна суровина. Врз основа на оваа собрана количина на отпад, ќе се засадат нешто повеќе од 25 илјади дрвни насади кои ќе ги обезбедува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, истакна министерката Шукова.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски ја нарече акцијата „импозантна и благородна“ за чистење на земјата од отпад и соопшти дека меѓу целите за оваа година им е зелената транзиција односно за секои 10 килограми отпад да се засади едно дрвце.  Планот на МЗШВ, рече, е  низ државата да бидат засадени минимум 1,8 милион дрвца – за секој жител во земјава од последниот попис.

АКТУЕЛНО