Search
Search

Во новата грејна сезона ценовно цунами за граѓаните ако не се постави цевковод на мостот „Беласица“

Ценовно цунами за 60 илјади граѓани од Скопје најавува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во интервју за ТВ21, доколку не се постави нов цевковод на мостот Беласица. Оштетената инсталација од пред 6 месеци не е санирана, а алтернативата е цевка која не може да испорача ист капацитет.

„Доколку го немаме тој цевковод, трошоците на топланите ќе пораснат и со тоа ќе треба драстично да се зголеми цената за топлинска енергија по што би не очекувало ценовно цунами и тоа нема да го дозволиме и затоа неколку пати кажав, додека не видиме дека се започнати активности со изградба цевководот нема да донесеме одлука, кој сака нека трпи загуби тоа е нивни проблем.“, рече Бислимоски.

60% од топлинската енергија за Скопје се обезбедува од ТЕ-ТО, а 40% од топланите во Скопје чија цена пак е три пати повисока. Не поставувањето на нов цевковод, би спречило да дојде топлинска енергија од ТЕ-ТО, но би ја донело во опасност и електричната инсталација, бидејќи таа не е подготвена голем број на граѓани од Центар, Карпош и Аеродром да се префрлат на греење на струја.

„Додека не видиме ние дека таму се прави и започнати се активности за поставување на цевковод, ние како Регулаторна комисија за енергетика нема да донесеме одлука, затоа што тој цевковод ни е многу важен, бидејќи така ќе може поголеми количини на топлинска енергија произведена од ТЕ-ТО да дојдат до останатиот дел од градот Скопје, односно во западниот дел на Скопје. ТЕ-ТО ни е важен, затоа што цената на топлинска енергија произведена од ТЕ-ТО во 2022 година е за три пати пониска од цената на останатите топлани во Скопје“, вели Бислимоски.

Бислимоски во разговорот за 21 додава дека за жал во изминатите 30 години во Македонија, кој и да е крив за нешто, на крајот плаќаат граѓаните. Вели дека таа пракса конечно ќе биде укината. Доколку не се донесе одлука за топлинска енергија, а започне новата грејна сезона, граѓаните ќе плаќаат по стара цена. А донесувањето на нова одлука, ќе значи иста цена за сите потрошувачи, мерка со цел зголемувањето на бројот на корисници, бидејќи така трошоците за пренос би се намалиле. Минатата грејна сезона Македонија беше единствена во регионот која не го промени температурниот режим.

АКТУЕЛНО