1979 година Членови при КУД „Мирче Ацев“ позираат во нива со тутун...

Во Прилеп тутунот е повеќе од растение, тој е културен и социјален феномен

Кога се спомнува градот Прилеп, веднаш асоцира на цигари и тутун, бидејќи тука повеќе од 130 години се произведува, преработува и откупува тутунот.

Македонија и во регионални и во светски рамки, на светските берзи и пазари важи за производител на висококвалитетен тутун. Тутунопроизводството учествува со 5 отсто во вкупниот извоз и речиси со 30 отсто од извозот во земјоделскиот сектор.

Побарувачката на македонскиот ориентален тутун (го има и во соседните Бугарија, Грција и Турција, но не со овој квалитет како македонскиот) и натаму е голема. Производството на тутун како земјоделска гранка добива стратешка важност за државната економија и е значителна ставка во полнењето на државниот буџет.

1979 година
Членови при КУД „Мирче Ацев“ позираат покрај низи со тутун…

Производството и трговијата на тутун и тутунски производи во БДП учествува со околу 3,2 отсто, а тутунската индустрија во вкупната индустрија на земјава учествува со 4 отсто и преку 4 отсто од вкупно вработените во Македонија се во овој сектор.

Сепак, вредноста на тутунопроизводство во Македонија е многу поголема од претпоставената. Производството на тутунот има и огромно социјално и економско значење поддржано со бројката од 40 илјади семејства за кои е главен извор на егзистенција.

Поволноста на климатските и почвените услови, како и културолошката основа придонела кон тоа тутунопроизводството да стане македонска традиција и начин на живот. Години наназад за приближно 150 илјади граѓани, тутунот е секојдневна преокупација од утро до вечер и основна егзистенција.

И покрај тоа што тутунската егзистенција во голема мера зависи и од временските услови во тековната година, сепак благодарение на добрата стратегија и поволната субвенциска политика, барем во последнава година забележан е пораст на површините засадени со тутун. Ако во 2016 година со тутун биле засадени некаде околу 15.300 хектари, во ланската реколта на територијата на цела држава биле засадени 14.150 хектари. За производството на овие површини тутунопроизводителите со откупните организации направиле 28.000 договори.

1992 година Продавачи на кошови за тутун

Сите тутунопроизводители се согласни дека тутунопроизвоството значи и перспектива за државата и можност за економски раст.

Годинешниот откуп заврши со откупени повеќе од 23.000 тони тутун по просечна откупна цена од 217 денари за килограм. Вредноста на откупеното е повеќе од 60 милиони евра, а субвенцијата за родот 2017-та е 60 денари за килограм за сите класи.

Тутунската култура присутна уште од 1873 година

Културата којашто во себе ги вмрежува сите аспекти на едно живеење од традиција, обичаи, култура но и социјален а најмногу егзистенцијален аспект, во Македонија е присутна уште од 1873 година и оттогаш до денес тутунот го обликува животот на Македонецот.

Начинот на живот, обичаите, традицијата, семејните вредности, културата, во сето тоа се вткаени маката и радоста од одгледувањето тутун. Тоа е така дури и денес. Земјоделците, оние што го одгледуваат тутунот, сè во своето секојдневие му подредуваат на тутунот, станување во 3.30 часот наутро, берење додека силата и телото тоа го дозволуваат, малку одмор па нижење. По берењето и нижењето, следи сушење, процес којшто исто така бара соодветни услови и знаење, низите треба да бидат добро подредени, во една низа и подеднакво изложени на сонце или на струење на воздухот за сушењето да биде рамномерно, за да се земе поголема цена. Потоа се пакува, и се подготвува за продажба.

Денешните компании наложуваат строга процедура како да биде нареден, во што да биде спакуван со цел да се исклучат сите можни малверзации. Тутунот е една од оние култури кои од земјоделецот и целото семејство бараат ангажман и посветена работа во текот на три годишни времиња. Тутунот за нив е се, до степен на персонификација, тие го ценат, го сакаат, го познаваат, одлично ги разликуваат класите, квалитетот и типот на тутунот. Им го одредува животниот тек, кога ќе создадат дом, кога ќе прават свадба, ќе ги школуваат децата. Со сите свои предности и потешкотии, оваа многу трудово интензивна култура е составен дел од животот.

1979 година Низи со тутун во близина на фурна „Плетварец“…

Низ вековите, тутунот станал центар на духовниот живот до тој степен што автентичната македонска архитектура на некогашните куќи и дворови била прилагодена на природно чување и сушење на тутунот, на чии чардаци биле изложени низи ориентален тутун чиј мирис го исполнувал воздухот.

Македонија како географска целина е најдобра за производство на ориенталните видови тутун и многу познавачи пишувале на оваа тема. Токму ваквите карактеристики ја поставуваат Македонија на врвот на листата на производители на висококвалитетен тутун, ценет и баран на светските берзи.

Помалку или повеќе, овој народ дишел со тутунот. Обработката денес можеби е малку посовремена, но суштината е иста, да се земе поголема сума пари, да се земат субвенции и да живее живот кој е тежок но извесен и така е од 1873 година па до денес.

Во минатото се произведувало и до 35 илјади тони тутун годишно, а во последниве години осцилацијата е 22 до 23 илјади тони. Осцилацијата во цените е една од причините а неа ја диктираат откупните претпријатија чии интерес се менува во зависност од глобалните пазарни движења. Но, податоците и последниот откуп покажуваат дека добрите услови повторно ги враќаат земјоделците кон производство на тутун. Поволностите во оценувањето, високата цена, постигната посебно оваа година, пласманот како и ветените високи субвенции, повторно го привлекуваат македонскиот земјоделец кон жолтото злато, кон продолжување на тутунската традиција и обезбедување извесна егзистенција.

Прилеп и Прилепско има тутунската култура

Посебно стопанско значење за Прилеп и Прилепско има тутунската култура, која во прво време ја одгледувале само Турците, а подоцна и останатото население. Особено во Првата светска војна, тутунот за Прилеп претставувал култура со многу големо економско и социјално значење. Тој постанал доминантна индустриска култура, која било на прво место, не само меѓу индустриските, туку и меѓу сите земјоделски култури, па со тоа добила особено важно значење за развитокот на град Прилеп.

Прилепчани во почетокот тутунот го произведувале како чифчии и наполичари, а подоцна како самостојни производители. Во годините на Кралството на СХС, и во Прилеп беше воспоставен монополски режим во прозиводството на тутун.

Во 1920 година во прилепско биле засадени 3.500 до 4.000 хектари од кои биле производени 3.5 милиони килограми на тутун.
Со оглед на тоа што магацинот на бившата режија бил изгорен при повлекувањето на српската војска во 1915 година, откупот на тутун се вршел по приватни куќи.

1979 година Членови при КУД „Мирче Ацев“ позираат покрај низи со тутун…

Во 1919 година, од бербата во 1918 година биле откупени повеќе од 600 тони и од бербата во 1917 година околу 200 тони. По завршувањето на војната побарувачката на тутунот пораснала и наредните години се зголемило неговото производство, така што во 1925 година во прилепскиот регион се откупени 1.500 тони тутун.

Камениот магацин за тутун

Во 1922 година почнало ѕидањето на камениот магацин за тутун, со капацитет од 700 тони, чија градба завршила во 1924 година. Истата година почнала градбата и на втор магацинчија градба завршила во 1927 година. Во 1925 година бил поправен магацинот на бившата режија и тука се сместила Тутунската опитна станица. Во приземјето од новиот камен магацин била сместена работилницата, а горните одделенија се употребувале за лагерување и сезонска ферментација на тутунот.

Откупот на тутун го регулирале финансистите (акцисти), кои се бореле и против криумчарењето на тутун. За криумчарење се сметало и употребата на тутун од сопствено производство за свои потреби.

Откупот на тутунот се вршел во присуство на повереници кои претходно давале клетва дека ќе работат праведно.
Исплатата на откупениот тутун се вршела на самото место, во присуство на општински органи кои по задржувањето на државните даноци, секоја пресметка ја заверувале со свој потпис и печат.

Во Прилепско се произведувале најубави ароматични ситнолисни тутуни. Нивното „брендирано“ име го користела дури и Грција, која неколку години по завршувањето на Првата светска војна извезувала тутун под име – „Прилепски“.

Прилеп се гордее и со Музејот за тутун- еве зошто е уникатен на Балканот

За Прилепчани или родени во Прилеп, уникатниот Музеј за тутун е нормална работа. За гостите од Македонија и од странство е луксузна оаза која раскажува приказни за славни принцези, кралеви, султани, славни личности, актери и наследници.

За бројните витрини одговорен е кустосот Александар Цветкоски кој со страст раскажува за тајните и приказните кои се кријат зад лулињата, табакерите, бурмутниците, наргилињата, запалките, цигарите….

Поради раритетноста, исклучителноста и убавината, збирката не ги остава рамнодушни посетителите потсетувајќи, со својата луксузност, дека тутунот е феномен на апсурдот.

Почнувајќи од најстариот експонат, кој датира од 2 век пред наша ера, мариовската луличка, за уживање психотропни печурки, кои ги пушеле луѓето особено на денот на слободата, по примерот на Рим и Грција во чест на богот Крони, па до пурата која во 1972 година Тито му ја подарил на Ѓорѓи Цаца на Бриони, витрините на прилепскиот Музеј за тутун ги красат вкупно 4.200 експонати, кои низ приказната за тутунот, раскажуваат за духот на времето ширум светот. За неговите колекции во тоа време се вложени 13 милиони германски марки. Прилепскиот музеј за тутун е влезен во најголемите водичи, како што се германскиот и францускиот „Ла пети футе“.

 

Извор: Фејсбук група „Прилеп стари фотографии“

АКТУЕЛНО

Поврзани објави