Search
Search

Во Скопје, Куманово, Тетово и Битола ќе ги заменуваме нееколошките системи за греење со еколошки

Постојано преземаме мерки против аерозагадувањето во рамки на надлежностите што ги имаме. А сега почнуваме со нов проект што ќе ги опфати градовите Скопје, Куманово, Тетово и Битола како четири позагадени градови во Македонија, со тоа што 5,5 милиони евра се наменети за замена на нееколошките системи за греење со еколошки. Ќе набавиме и еколошки автобуси за Град Скопје, ќе зазеленуваме површини, се сос цел да се намали аерозагадувањето.

Ова го истакна министерката за животна средина Каја Шукова прашана што се презема од страна на државата за хроничниот проблем што го имаме секоја зима по информацијата од завчера дека Скопје е седми најзагаден град во светот.

Таа посочи дека многу јавни објекти во државата имаат нееколошки системи за затоплување, но државата и таму интервенира.

– Неколку години по ред има активен проект на Светска банка, преку Министерството за финансии, каде што општините аплицираат за енергетска ефикасност за замена на системи за затоплување, за да се намали потрошувачката на енергенсот, кога ќе се сменат вратите и прозорците, вие трошите помалку електрична енергија – рече Шукова.

Таа не знаеше да каже точно колку објекти го смениле начинот на затоплување, но наброја неколку како Гинекологија Чаир која работеше на мазут, како и мноштво болници, домови на култура, градинки и училишта.

Таа ги повика општините во рамките на буџетите за 2024 година да предвидат мерки со кои ќе ги субвенционираат домаќинствата во замена на нееколошки со еколошки системи. До граѓаните пак, апелира да не горат отпад, како масла, паркети кои содржат бои и лакови, туку да се користи, ако не може поинаку, суво дрво за огрев.

– Поголемо загадување прават влажните дрва, па повика граѓаните да се вратат на старите навики дрвата за огрев да ги купуваат на пролет или на лето, за да има време до зимата да се исушат. Вели дека проблемот се јавува и поради тоа што се крадат дрва, а се купуваат и крадени дрва, каде државата не може да има контрола какво дрво за огрев се користи – потенцира таа.

Според неа, ако сите учествуваме во намалување на причините за аерозагадувањето, малку по малку ќе се добие една целина.

– Во ниедна европска метропола не се решил проблемот со загадувањето во една година – децидна е таа.

Во однос на мерните станици вели дека за тие што имале резервни делови ги замениле и се во функција. Мерната станица кај Ректорат е подолго време вон функција, па нема ни резервни делови за неа, а министерството е во процес на набавка.

АКТУЕЛНО