Search
Search

Воздухот во Скопје ќе се штити од загадување со субвенции јавен превоз, велосипеди и чистење оџаци

Какви мерки за заштита на животната средина ќе се применат во Скопје во претстојнава година, кои конкретни активности ќе се преземат за заштита на воздухот и водата, но и за справување со отпадот, бучавата и слично, предвидува Програма на активности од областа на заштитата на животната средина на подрачјето на град Скопје за 2024 година. Со предложената Програма, за која градските советници ќе расправаат на седницата в среда, на 31 јануари, всушност се дефинираат активностите, потребата од нивно реализирање, целите кои со тоа ќе се постигнат, роковите на реализација и потребните финансиски средства.

За заштита на воздухот единствена активност која се предвидува годинава е субвенционирање на јавниот превоз во денови на алармантно загадување на воздухот при активирање на краткорочниот акционен план за алармантна состојба на воздухот усвоен од страна на Советот на Град Скопје. Поточно, оваа активност ќе се реализира по потреба при прогласување на алармантна состојба. За таа цел во Буџет на Град Скопје е предвиден износ од 4.200.000 денари, со кои треба да се плати бесплатната услуга на ЈСП во тие денови.

Колку за потсетување, во декември во деновите кога воздухот беше енормно загаден и кога Владата ги активираше мерките за заштита на населението од загадување, Град Скопје не воведе бесплатен јавен превоз што досега не се случило.

Со 3 150 000 денари од градската каса во 2024 година ќе се штити и подобрува квалитетот на водата преку реализација на неколку активности.

Проширени анализи и испитувања на алтернативни извори за водоснабдување од ресурсите на Кадина Река, Патишка Река и Мала Река за потребите за нивно вклучување во водоснабдителниот систем на град Скопје; Ревитализација и воспоставување на континуирано следење на квалитативните карактеристики на водите од напуштените извори во Бутел и Инџиково; Проширени анализи и испитувања на алтернативен извор за водоснабдување од ресурсите на изворот Врело за потребите за негово вклучување во водоснабдителниот систем на град Скопје – е наведено во предложената Програма.

Во Програмата, како што се вели, внимание ќе се посвети и на заштита и унапредување на зелените површини во заштитените подрачја на Скопје, но и на зголемување на содржините и намените во зелените површини преку уредување на просторот во заштитените подрачја и обезбедување поуреден и подостапен простор за посетителите. Во рамките на ова планирано е уредување на просторот на Водно и на парк-шумата Гази Баба. Уредувањето треба да се изврши со 980 000 денари.

Според Програмата и годинава ќе продолжи субвенционирањето на скопјани за унапредување на квалитетот на амбиентниот воздух и подобрување на енергетската ефикасност. Ќе се даваат субвенции за набавка на велосипеди, со поединечен износ од човек од најмногу 4000 денари, а домаќинствата ќе добиваат и надомест за чистење оџаци во нето износ најмногу до 1.200 денари по домаќинство.

Предвидени се и субвенции за замена на азбестни покриви.

Максималниот износ за поединечна субвенција за замена на азбестните покриви, во енергетско ефикасни покриви, се утврдува во износ од најмногу 50% од вредноста на инвестицијата, но не повеќе од 100.000 денари по лице, со вклучен данок на личен доход – предвидува Програмата.

За доделувањето на субвенции ќе биде распишан јавен повик, каде ќе бидат прецизирани сите услови и потребни документи за аплицирање, а за сите три субвенции што ќе ги дава Градот во Буџетот се предвидени средства од 3.900.000 денари.

Извор: Слободен Печат

АКТУЕЛНО