За еден фрижидер да заврши на депонија, тетовските комуналци бараат 100 евра

Неодамна Јавното комунално претпријатие Тетово започна да врши услуга, собирање и транспортирање на интертниот отпад од домаќинствата како градежен шут, стар мебел, бела техника и слично.

Досега истиот завршуваше на јавни површини, загадувајќи ја природата, особено реките во полошко каде и граѓаните најчесто се ослободуваа од овој отпад.

Од Општината велат дека проблемот е надминат, секој кој сака да го фрли интерниот отпад слободно треба да се обрати до ЈКП Тетово.
 

И додека тетовските инспектори започнаа со засилени контроли и казни за фрлање интертен отпад на несодветни места, од Општината ги повикаа граѓаните да ја користат воведената услуга на комуналното претпријатие за подигање ваков вид отпад.

„Ги идентификуваме сите кршители на законот и нема да има толеранција, ќе постапиме според законот. Досега реагираа дека немаме кај да ги носиме, сега нема потреба никаде да ги носат. Од ЈКП ќе одат до дома да ги земат, но ако ги фатиме ако фрлаат каде што не е место ќе има и казни“ изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Дел од граѓаните велат дека не се запознаени со ваквата комунална услуга, некои пак ја поздравуваат и велат дека имале потреба од неа, но не ја искористиле оти е прескапа.

„Овој метод требаше одамна да се воведе, но моменталната ситуација не е нормална според мене. Се јавив пред некој ден до ЈКП Тетово и им реков да ми земат еден фрижидер да го однесат во некоја соодветна депонија, тие ми велат таа услуга ќе те чини 100 евра. Сега замислите јас да треба да реновирам и да сакам да купам нов мебел и техника, па повеќе ќе се потрошам за да се ослободам од стариот мебел, отколку да купам нов, вели еден жител на Тетово.

„Јас сум немал некоја потреба да фрлам нешто, но ми кажале дека многу пари бараат, мора да ја намалат цената, нека има наплата, но нека биде барем некој симболична цена“, додава друг тетовец.

Градоначалникот Касами најави дека во иднина ќе се регулира ценовниот.

„Ова е првпат што се дава таква услуга, ние почнавме од некаде, ако има вакви ситуации ќе се направи ценовник за согласно тоа и да се реагира. Ќе видиме и во другите општини каква е методологијата, но сигурно ќе најдеме начин да им излеземе во пресрет“ – изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Тетово со децении го нема решено проблемот со инертниот отпад кој наместо на соодветна депонија завршува по долини, реки и ливади, а неретко и во самите контејнери кои се уништуваат од градежниот шут, мебелот и техниката, а често од овој отпад се оштетуваат и камионите кои го подигаат сметот низ градот.

Инаку од Националниот парк Шар Планина, на прес конференција пред 8 месеци приложија снимки на кои како што обвинија се гледа како градежниот шут собран при реконструкција на патот во викенд населбата Попова Шапка се фрла во близина на викендичките загадувајќи ја природата. Ова е скандалозна негрижа за природата што вчера ја демонстрираше општина Тетово при промена на асфалтот во населбата, истакнаа од установата.

Наместо да се грижат општинските власти ја уништуваат природата и во ваква уништена Шар Планина нема да ни дојдат ниту домашни ниту странски туристи, додадоа од установата.

Извор Слободен печат

АКТУЕЛНО

Поврзани објави