Започна трговската војна меѓу ЕУ и Кина

Кратко време откако САД четирикратно ги зголемија давачките на повеќе од 100%, европската комисија одлучи од наредниот месец покрај редовните 10 отсто да воведе дополнителни царини за кинеските електрични возила. Со повисоки давачки ќе се соочат сите производители на возила кои извезуваат во Европа но сумата што ќе треба да ја платат ќе биде различна. Главно образложение за ваквиот селективен пристап е дали производителите соработувале со европските истражни органи кои отпатуваа во Кина да проверат колку нивното работење е поддржано со субвенции од тамошната влада.

Така, на државниот SAIC кој е сопственик на MG ќе му бидат наплатувани уште 38,1 отсто давачки за неговите електрични возила, бројката за Geely е поставена на 20 отсто а на BYD на 17,4 отсто. Генерално дополнителната стапка на царинско оптоварување изнесува 21 отсто за компаниите што соработувале, меѓу кои се сметаат западните фирми кои произведуваат таму, иако за секој поединечно може да биде одредено колку ќе плаќа. Тоа се однесува на Tesla кој во Европа го продава Model 3 од кинеско производство, потоа BMW (iX3 и електричните модели на Mini), Mercedes-Benz (Smart), Renault (Dacia Spring) и Volvo (EX30). Екстра царините засега како привремени ќе се применуваат од 4 јули, а истрагата за субвенционирањето ќе продолжи до 2 ноември, од кога тие ќе станат дефинитивни. Ваквите давачки вообичаено се воведуваат на период од пет години.

Во последниве 12 месеци заклучно со април, во Европската унија од Кина се увезени 440.000 електрични возила во вредност од 9 милијарди евра.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави