Search
Search

Заврши во „ѓубре“ еколошкиот билборд од 25.000 евра во Тетово

Општина Тетово вчера го отстрани таканаречениот еколошки билборд од центарот во градот, каде што веќе шест години стоеше неупотреблив и без да врши функцијата да апсорбира ситна отровна прашина односно ПМ10 и ПМ 2, 5 честички. Беше поставен со пари на невладиниот сектор, приватни компании и германската амбасада.

– Поради негрижата од претходната локална власт, еко-дрвото со години стои исушено и веќе нема ефект врз подобрување на аерозагадувањето, за што и беше поставено. Поради тоа одлучено е истото да биде отстрането, информираа од службата за односно со јавноста при Општина Тетово.

Оваа вертикална конструкција која беше поставена во март 2017 година имаше комбинација на мовови и васкуларни растенија односно растителен филтер со улога на прочистувач на воздухот како што би имале 275 дрвја.

Неколку месеци по поставувањето голем дел од растенијата се исушија. Еколошкиот билборд потоа со години стоеше без примарната функција, а граѓаните во него оставаа отпадоци.

Eколошкото дрво беше донирано од Германија преку еколошкото здружение „Еко Свест“ и со донации од македонски фирми и чинеше 25 илјади евра но со години стоеше исушено и немаше никаков ефект врз подобрувањето на аерозагадувањето, што беше примарната негова цел. 

Ваков еко билборд или еко дрво, поставено беше и во Скопје, ама и тоа се исуши.

 

 

 

АКТУЕЛНО