Search
Search

Јакимовски негира рушење на игралиште и фонтана во Карпош, граѓаните утре на протест

Градоначалникот на општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски смета дека врева не крева никој, туку тоа како прават, како што вели, „лажоманите од Белата палата“. Ова следува како реакција откако дел од жителите на општината кои преку писмо порачаа дека се планира игралиштето, фонтаната и зеленилото покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да се претворат во згради, со точка од ДУП.

Гневни жители на Козле тврдат дека в среда, 5 јули, градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски ќе направи напор да го смени деталниот урбанистички план Ј03 блок 02.

Жителите алармираат дека планот на Јакимовски бил детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да го претвори во згради.

-Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од број 149 до фабриката „Реплек“. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница „Систина“ до „Реплек“, преку улица на студенскиот дом „Гоце Делчев“. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради. А, зад зградите на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, т.е. на улицата „Јуриј Гагарин“ каде што има паркинг за зградите и куќите, во план е да се прави сервисна улица до „Реплек“. Ова се прави со цел да се добие сообраќаен пристап за градежна парцела на која се наоѓа маркица за градење на 4 згради. Една зграда е со 11 ката и поткровје, една со 7 ката и поткровје и две згради со 6 ката и поткровје. Се уништува зеленило со километри и се заменуваат паркинг места за 17 згради и 50 куќи со сервисна улица. Прашања до градоначалникот Стевче Јакимовски и до советниците кои ќе гласаат за овој предлог – Дали за ова ве избравме? Дали го заслужуваме ова? Дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од „вашата“ oпштина? Утре ќе се поднесат потписи од огромна група на незадоволни граѓани за бришење на оваа точка од дневен ред, а воедно најавуваме и присуство на истите тие незадоволни граѓани на седницата на Општина Карпош в среда вo 10 часот во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје, велат граѓаните во писмото. 

Јакимовски најави дека фонтаната, плоштадот и игралиштето покрај булеварот нема да се рушат.

-Се јавуваа по луѓето да ги лажат дека ќе им се уништела фонтана и ќе се направела улица. Се е тоа лага. Ако сакаат некого да го прашаат, треба да го прашаат едно момче со поголема брада од мене – Коце Трајановски. Тој ги има проектирано тие улици и тоа се согласно ГУП, кој што градоначалникот на Карпош само ги презема од Генералниот план. Сум се сретнал со граѓаните, сите нивни барања биле инкорпорирани. Пред да оди планот во анкета, сум ги прашал дали тоа што го бараат е во него и рекоа дека е така. Никогаш немало забелешки и двапати го гледале советниците. Сега сакаат политика и нивен член вчера ми кажа дека им се јавиле од партијата да протестираат против планот. Луѓе сакаат да земат власт, а да го лажат народот и тоа не е чесно, истакна Јакимовски на прес-конференција пред седиштетото на ВМРО-ДПМНЕ. Нека престанат со лагите и со флоскулите урбана мафија, бидејќи оваа бела фасада е плод на урбаната мафија, додаде градоначалникот.

Во писмо-петиција, потпишано од жители на Карпош, се најавува протест кој е закажан за утре пред зградата на Универзитетот за туризам и менаџмент, каде што треба да се одржи седницата на Советот на општината. Според нив, со планот ќе се уништи целиот комплекс спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ – паркот со фонтаната и игралиштето за деца.

 

АКТУЕЛНО