Search
Search

Ќе добие ли МКЦ нов директор?

Не завршуваат контроверзите околу отворениот конкурс за директор на Јавната установа Младински културен центар.

Рокот за пријавување на вториот конкурс заврши во петокот, 8 декември 2023, на кој пристигнале три пријави за функцијата.

Според извори на Управниот одбор на МКЦ, пријавените се Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, како и магистар по менаџмент на јавни установи, потоа Никола Мадиќ, дипломиран продуцент и филмски работник и Арбен Шаќири, естраден уметник.

Според процедурата, Управниот одбор на МКЦ ги доставува апликациите од кандидатите до  Град Скопје, со тоа што предлага кандидати кои според критериумите се соодветни за позицијата за која аплицираат.

Во конкретниот случај, биле предложени сите тројца кандидати.

Условите, покрај високото образование во областа на хуманистичките науки, се и 5 годишно работно искуство во областа на културата.

Првиот конкурс за избор на директорската позиција распишан кон крајот на септември 2023 година немаше никаква разврска, ниту беше поништен од страна на Градот Скопје, за потоа во ноември 2023 да се распише повторен конкурс за истата функција.

Дел од именувањата на Арсовска предизвикаа дебати во јавноста, а беше покрената и иницијатива за кривично гонење, токму за позицијата за која сега е распишан оглас – директор на МКЦ. Па така, во јули годинава, Антикорупциската комисија констатираше дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, спротивно на законот ги именувала в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и на Зоолошката градина.

Антикорупционерите донесоа одлука за поведување кривична постапка оти таа го прекршила законот со тоа што именувала за раководно лице кое не било вработено во јавната установа, спротивно на чл. 31 од Законот за култура. Стануваше збор за решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на Младинскиот културен центар. И Управниот суд претходно донесе одлука Арсовска да го поништи решението.

С.Т

 

АКТУЕЛНО