Џафери и Арсовска се скараа кој треба да ја коси тревата во дворот на Владата

За обраснатата трева и запуштениот изглед на дворот на владата, техничкиот премиер Талат Џафери ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска и јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кое е под капата на Град Скопје.

„Земјиштето околу Владата, според процедурите и прописите, е во сопственост и надлежност на Град Скопје и според работата и обврските „Паркови и зеленило“, како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на главниот град, е надлежно за таа работа“, изјави Џафери на денешната прес-конференција по повод 100 дена техничка влада.

Тој ја повика градоначалничката Данела Арсовска што поскоро да нареди косење на тревата во дворот на владата.

„Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи кои што се надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.

Дворот на Владата и нејзиното поблиско опкружување подолг период е обраснат со трева.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска преку Фејсбук упати брз одговор на тврдењето на техничкиот премиер дека косењето на „џунглата“ од трева во дворот на Владата е во надлежност на службите на градот. „Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно“, му порача Арсовска.

-На денешната прес конференција во Влада, ВД премиерот Талат Џафери избегнува одговорност и манипулира со некакви процедури само за него познати, лажејќи дека сопственост и надлежност на Град Скопје и ЈП “Паркови и зеленило“ било да се грижи за зеленилото во Влада.
Талат Џафери ако до сега не знае дека сам треба да си го уреди сопствениот двор, таа лекција ни денес нема да ја научи сигурно. Од в.д. премиерот од Форино, што кога излегува од дома до Влада ги гаси попатно сите семафори и прави хаос низ градот, не е ни очекувано дека би требало да знае што е негова обврска, тој само знае какви бенефиции може да искористува. ЈП Паркови и зеленило ги одржува градските булевари и паркови површини кои се надлежност на претпријатието согласно Закон, а ако сака ВД премиерот Талат од Форино да ги ангажира да работат во Влада за истото треба да си склучи Договор, исто како и секоја друга институција во Македонија“, напиша градоначалничката на Скопје.

АКТУЕЛНО

Поврзани објави