Search
Search
Фото/ МО

22 години од убиството на десет бранители кај Карпалак, се бара дозвола од Општина Желино да се постави споменик

Со положување цвеќе и панихида пред спомен плочата кај месноста Карпалак на автопатот Тетово-Скопје утрово беше оддадена почит кон десетте загинати бранители од Прилепско кои беа убиени во заседа во оружениот конфликт во 2001 година.

Почит им оддадоа министерката Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници на претставници на Владата, од кабинетот на Претседателот, Општина Прилеп, семејствата на загинатите, политичките партии како и поголем број здруженија на бранителите како и граѓански организации.

„Дваесет и две години поминаа но со голема тежина во срцата во трагичниот настан на Карпалак каде животот го загубија 10-те херои на безбедносните сили на македонската Армија. Тие несебично се одзваа на повикот на татковината и затоа никогаш нема да бидат заборавени. Длабока почит и сочувство за нивните семејства. Вашите синови ќе ги паметиме вечно како херои кои за татковината го дадоа најскапоценото  својот живот„ истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Присутните претставници на бранителите повторија дека 22 години безуспешно бараат да има подостојно спомен обележје на ова место.

На новинарско прашање дали Владата планира да направи некое достојно обележје, министерката рече дека ќе побара од Општина Желино дозвола Министерството да постави споменик.

„ Денес во текот на денот до Општина Желино која е надлежна општина ќе испратам повторно, исто како што го направив и за Вејце, барање да биде дозволено овде да се изгради споменик каков што е достоен и се разбира Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира„ истакна Славјанка Петровска.

На 8 август 2001 околу 10 часот конвој на АРМ беше подмолно нападнат од заседа. При тоа беше погодено едно транспортно возило на Армијата во кое беа 8 војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Загинаа Нане Наумоски (48),Сашо Китаноски (39) Бранко Секулоски (42), Горан Миноски (29) Ердован Шабаноски (20), Веби Рушитоски (26) сите од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од прилепско Новоселани, Љубе Грујоски (31) од прилепско Пашино Рувци, Дарко Велјаноски (27) од прилепско Ропотово, и Пеце Секулоски)29) од прилепско Бело Поле.

 

АКТУЕЛНО