Search
Search

8 септември – 32 години независност на Северна Македонија

Северна Македонија одбележува 32 години самостојност и независност по успешно спроведениот референдум одржан на 8 септември 1991 година, а на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Eмбаргo, атентат врз еден претседател, друг загинат во авионска несреќа, воен конфликт, обид за државен удар, промена на име, членство во НАТО, почеток на преговори за влез во ЕУ се дел од настаните што ја одбележија три деценискиот пат до државноста.

Патот до самостојноста

По распадот на поранешната држава СФР Југославија, се формираа самостојни држави, меѓу кои и тогашната Република Македонија, денес Република Северна Македонија.

Северна Македонија одбележува 32 години самостојност и независност по успешно спроведениот референдум одржан на 8 септември 1991 година. На референдумот излегоа 1.132.595 граѓани. Огромно мнозинство мнозинство од нив 1.079.308 или 96,46 проценти гласаа ЗА самостојна Македонија, а ПРОТИВ беа 39.639 или 3,54 проценти. Претходно, на 25 јануари во собранието беше усвоена и Декларацијата за независност.

Ембарго од Грција

Јужниот сосед Грција одби да ја признае новата држава. Се плашеше од наводни територијални претензии и не дозволуваше друга земја да има име како регионот во нејзини граници. Дури успеа и да ја издејствува Лисабонската декларација со која тогашната ЕЗ и наложи на новата држава во својот назив да го нема зборот Македонија. Следуваше и грчко ембарго и нафтена криза. Сепак декларацијата не заживеа и државата во 1993 стана членка на Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Во 1995 беа нормализирани односите меѓу двете држави и беше потпишана времената спогодба

Атентат, воен конфликт, Рамковен договор…

На 3 октомври 1995 година се случи атентат врз поранешниот претседател Киро Глигоров. Мотивите и сторителот се уште не се познати. Во 2001 се случи воен конфликт, а заврши со потпишување на Рамковниот договор на 13 август. Со овој договор требаше да им се стави крај на меѓуетничките тензии.

Три години потоа, во 2004, во авионска несреќа кај Мостар загина претседателот Борис Трајковски. Во несреќата животот го загубија и двајца членови на екипажот и осум членови на кабинетот.

Патот до НАТО

Членството во најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО, беше стратешка цел на земјата. Во 1999 година, на Самитот во Вашингтон, Македонија стана кандидат за полноправно членство во НАТО.

Откако стана кандидат за членство во НАТО, земјата беше најблиску до влезот во оваа алијанса на Самитот во Букурешт. Тогаш, во 2008 година, беше оценето дека земјата е целосно подготвена да ја добие поканата, но Грција го употреби правото на вето и го услови влезот на Македонија со решавањето на деценискиот спор за името.

По постигнувањето на Преспанскиот договор се отворија вратите на земјата за напредок на евроатлантскиот пат. Во јули 2018 година, земјата доби покана од НАТО за почеток на пристапните преговори.

Земјите членки на НАТО во февруари 2019 година го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО, а потоа парламентите на сите членки на Алијансата го ратификуваа Протоколот за пристапување, со што земјата на 27 март 2020 година и официјално стана 30. членка на Алијансата. 

Интеграција во ЕУ

По низата бугарски барања за отстранување на ветото за Северна Македонија во ЕУ, се дојде до “францускиот предлог” за надминување на разликите. Парламентите во Скопје и Софија го прифатија и со тоа беше надмината едната пречка за одржување на првата меѓувладина конференција со Европска Унија. За ефективен старт на преговорите со ЕУ, Северна Македонија треба да направи уставни измени со кои и Бугарите би влегле во Уставот.

Упад во Собранието на 27 април

Настаните во собранието на 27 април 2017 година во најлошо светло ја покажаа поделеноста во македонското општество. Случувањата тој ден во Парламентот се квалификуваат и како обид за државен удар. Сликите од тепачките, раскрвавените глави и она што потоа се случуваше не можат да се заборават.

ЕУРО 2020

Македонската фудбалска репрезентација за прв пат во историјата се пласираше на Европско фудбалско првенство (ЕУРО 2020).

Северна Македонија се наоѓаше во групата Ц заедно со Холандија, Украина и Австрија. Македонската репрезентација во трите натпревари беше поразена, и се наоѓаше на последното место во групата.

По 32 години независност, Република Северна Македонија е активна членка на НАТО, со што ја исполни едната од двете стратешки цели, а останува да го изоди патот на интегрирањето во Европската Унија, што е втората стратешка цел на државата.

АКТУЕЛНО