Дали сте девојка на возраст над 15 години и сте заинтересирани да станете шведска амбасадорка на еден ден? Сериозно се грижите за родовата еднаквост, еднаквите можности за жените и девојките, како и за ставање крај на насилството врз жените и девојките.? Сакате да дознаете повеќе за тоа како можете да направите промена? Амбасадата на Шведска во Скопје отвори конкурс за позицијата „Амбасадорка на ден“.
Сите заинтересирани кандидати треба да ги достават следните документи:
„Кратко мотивациско писмо (најмногу 250 зборови) објаснувајќи зошто сте заинтересирани за оваа позиција;
Кратка биографија каде што посочувате што правите, кои се вашите интереси и кои активности сте ги презеле за да го промовирате или подобрите животот на заедницата во која живеете. Тоа може да биде акција во која сте иницирале или сте учествувале, која промовира еднаквост помеѓу девојчињата и момчињата, обезбедува помош за стари лица или загрозени лица, грижа за животната средина, итн.; Две препораки (најмногу 1-2 параграфи) од некој што добро ве познава и може да ве препорача за оваа позиција. Ова може да биде вашиот учител или наставник или секој што ве познава добро и ве видел во акција. Писмена согласност од вашите родители/ законски старатели (за девојчиња на возраст од 15-18 години)“, стои во повикот.
Успешната кандидатка ќе биде известена во текот на месецот декември, а од неа се очекува да ги изврши своите должности во текот на Денот на жената – 8 Март.
#GirlsTakeOver е глобална иницијатива, според која девојките ширум светот заземаат позиции на моќ по повод Меѓународниот ден на девојките, 11 октомври. Шведското Министерство за надворешни работи и многу шведски амбасади ширум светот учествуваат во иницијативата.