Search
Search

ЗНМ, ССНМ, СЕММ се залагаат за медиумски интегритет по вчерашната епизода од „Само Вистина“

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагираат на настаните што се случија вчера на директниот пренос на „Само Вистина“ на ТВ Канал 5, каде во улога на гостин беше Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен советник на претседателот на Владата и новинарот Горан Момировски, а уредник на емисијата беше колегата Александар Видиновски. Со нашата реакција сакаме да ја истакнеме важноста од потребата за одржување на новинарските стандарди, обезбедување дискурс со почитување и заштита на уредувачката независност.

Во општество каде што телевизијата во живо игра улога во обликувањето на јавниот дискурс, од најголема важност е сите учесници да одржуваат висок стандард на комуникација и да говорат со почит кон соговорниците, но и кон публиката. Тоа не беше случај во еден дел на дебатата, но модераторот Видиновски направи напор да ја деескалира ситуацијата и да го одржи стандардот со професионализам и смиреност што се бара од медиумските практичари. Сепак, инцидентот доби загрижувачки пресврт кога директорот на Канал 5, Иван Мирчевски, интервенираше на телевизија во живо, со барање Рамадани веднаш да го напушти студиото.

ЗНМ, ССНМ, СЕММ изразуваат сериозна загриженост во врска со оваа интервенција, бидејќи директно го нарушува принципот на уредувачка независност што е камен-темелник на независното новинарство. Дејствијата од ваква природа можат да и наштетат на независноста на медиумот и да ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во медиумите генерално.

Категорично ги осудуваме сите дејствија кои ја компромитираат уредувачката независност од страна на раководните структури на медиумите, а дополнително ја нагласуваме важноста од зачувување на овој принцип за одржување на кредибилитетот на новинарството во Македонија. Коментарите на Рамадани кон водителот Видиновски, кои во одреден дел од дебатата беа конфронтирачки, не смеат да бидат оправдување за таков тип на интервенции.

Во контекст на вчерашните настани, ги повикуваме сите медиумски професионалци, јавни личности и учесници во јавните дебати да придонесат позитивно и со почит кон јавниот говор, поддржувајќи ги принципите на почитувана комуникација и уредувачка независност.

Со реакција на настанот се јави и ВМРО-ДПМНЕ при што ги осуди, како што стои, „нападите со лажни обвинувања на владиниот советник Исмет Рамадани и обидите за загушување на слободата на говор изразени на емисијата „Само Вистина” на Канал 5“. Партијата бара владата и Ковачевски под итно да се извинат и оградат од ставовите на својот советник.

„Во спротивно овој атак треба да се смета како смислено сценарио и позиции на владата. Не е прв пат првенци на владата да застапуваат ксенофобични ставови и да изразувааат непочит кон медиумите. Секогаш кога немаат аргументи од власта одбрамбениот механизам се лажните обвинувања и лепењето на етикети дека некој прави атак врз Албанците. Да не се заборави дека власта има селективен однос кон медиумите, делејќи етикети, премиерот и неговите луѓе да се конфронтираат со новинари и притоа да се не оградат од ваквите пистапки. Власта во заминување губи контрола и тоне во сопствената неспособност. ВМРО ДПМНЕ е на страната на слободата и независноста на медиумите“, стои во реакцијата на партијата во чие време новинарството беше осумдесетина места подолу.

На нападот возвратија од СДСМ:

„ДПМНЕ да не ги политизира случувањата во Канал 5 Телевизија и да не ги дели граѓаните по етничка основа ДПМНЕ е партијата која ја зароби целата држава а медиумските слободи ги доведе до дното и тоа време заврши. Медиумите денеска се слободни, работат и известуваат слободно во демократско општество а слободата на медиумите е на највисоко ниво досега. ДПМНЕ ја урна слободата во медиумите, СДСМ ја врати, сега сите го остваруваме правото на глас и слободен говор. Да се има различен став и да се дискутира е демократска придобивка. Дебатите и дебатните емисии постојат за да се изразат различни ставови и отворено да се разговара за сите општествени прашања. Секако, сите јавни чинители внимателно треба да ги бираат зборовите и во своите јавни настапи да придонесуваат кон кохезијата во општеството. СДСМ вредносно и суштински нема да дозволи хистеријата на ДПМНЕ да доминира во јавниот дискурс ниту пак да се вратат мрачните времиња кога се водеше јавен линч на неистомисленици и кога граѓаните се делеа по партиска, етничка и друга припадност. Европски вредности, почит, разбирање се единствениот начин“, стои во реакцијата.

АКТУЕЛНО