Search
Search

Позитивното конзерваторско мислење за 17-катницата зад „Букурешт“ е незаконско

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска истакна дека конзерваторското мислење е вратено до Конзерваторскиоот центар од кој се очекува да го поништи. – Не е точно дека намерно се одолговлекуваше преиспитувањето на позитивното конзерваторско мислење. Јас го добив извештајот од работната група што работеше на случајот и во него е наведено дека мислењето не е во согласност со Правилникот за заштита на културното наследство,  изјави Костадиновска – Стојчевска

Позитивното конзерваторско мислење, издадено од Конзерваторскиот центар-Скопје, врз основа кое беше издадено одобрение за градба на 17-катницата зад поликлиниката „Букурешт“ не било во согласност со Правилникот за заштита на културното наследство. Ова денеска го обелодени министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека конзерваторското мислење е вратено до Конзерваторскиот центар од кој се очекува да го поништи.

– Не е точно дека намерно се одолговлекуваше преиспитувањето на позитивното конзерваторско мислење. Јас го добив извештајот од работната група која работеше на случајот и во него е наведено дека мислењето не е во согласност со Правилникот за заштита на културното наследство – изјави Костадиновска-Стојчевска.

Таа додаде дека друга надлежна институција за тоа е Управата за заштита на културното наследство чии инспектори од непознати причини досега не го извршиле потребниот надзор.

– Тие дури во вторникот беа во Конзерваторскиот центар Скопје, а што како мислење донеле тие, не ми е познато – образложи Костадиновска-Стојчевска и додаде дека тоа што во домен на Министерството за култура тие се обратиле до Конзерваторскиот центар и очекува како првостепен орган, тој веднаш да го поништи првичното позитивно конзерваторско мислење.

За понатаму, како што истакна Костадиновска-Стојчевска, има други институции кои од самиот почеток биле вклучени во побарувања, издавање, треба да преземат мерки.

И покај тоа што од Министерството за култура денеска се изјаснија по позитивното конзерваторско мислење на Конзерваторскиот центар, од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ велат дека најверојатно нема да го откажат закажаниот протест за денеска во 15 часот, пред Министерството за култура.

– Ќе се појавиме, за да ја обзнаниме веста и да ја обележиме победата и истрајноста. Благодарност до Министерството за култура што собра храброст и работата ја истера до крај – изјави Невена Георгиевска, член на Советот на Општина Карпош од „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“.     

Парцелата на која треба да се гради зградата се наоѓа непосредно до болницата „8 Септември“ која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. За добивање на градежна дозвола, според Законот за заштита на културно наследство, проектот мора да биде одобрен од Конзерваторскиот центар. Истиот центар, по едно негативно, даде позитивно мислење – кое сега треба да се укине.

Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, во средината на јануари ја потпиша градежната дозвола за изградба на спорната 17-катница среде болничкиот комплекс на Воена болница во Скопје. Веќе е оградено градилиштето и на терен почнуваат градежни работи за изградба на зградата.

АКТУЕЛНО