ВИДЕО Жителите на Ѓорче Петров не сакаат висококатници во населбата

Деталниот урбанистички план кој советниците на општина Ѓорче Петров го изгласаа на вонредна седница и тоа во сабота, предизвика низа реакции и незадоволство кај градските власти па и револт кај граѓаните кои живеат во општина Ѓорче Петров и Карпош.

„Не сме за изградба на комплекс згради која е предвидено со новиот Детален урбанистички план кој беше изгласан од советниците„  вака коментираа жителите на општина Ѓорче Петров во видео анкета што ја реализираше екипата на Градска редакција. Според нив овој проект ја задушува населбата, па ќе предизвика повеќе загадување на градот.

Против овој ДУП се изјасни и градоначалничката на Град Скопје Далена Арсовска, најави  дека градот Скопје ќе поднесе кривична против градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојковски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, претседателот на Советот на општина Ѓорче Петров Ленче Нелоска и Весна Андреевска, вработена во Министерството за транспорт и врски. Од Уставниот суд, пак, ќе побара со  времена мерка да ја запре примената.

И градоначалникот на општина Карпош Стевче Јакимовски рече дека ДУП-от е донесен на криминален начин, а најлошо е тоа што во него се вцртани три хемиски фабрики кои директно го загрозуваат животот на карпошани, особено на жителите на Влае.

Инаку со новиот Детален урбанистички план,  кој советниците на Општина Ѓорче Петров го изгласаа во сабота, спроти пазарот во населбата Ѓорче Петров ќе се градат 31 зграда, а највисоката ќе биде  21 катница. Овие нови згради за над 7.000 нови жители се предвидени со Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16.

Според планот  се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош.

За овој ДУП загрижени се и од граѓанската иницијатива О2. Според нив,  за згради предвидена е вкупно изградена површина од 214 илјади метри квадратни, за големи трговски единици планирани се скоро 93 илјади метри квадратни, а скоро 64 илјади метри квадратни се предвидени за намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија. ДУП-от како што велат од О2, е во спротивност на Генералниот урбанистички план (ГУП).

Н.Ш

 

АКТУЕЛНО