Акумулираната загуба на Пошта на Северна Македонија на 31 декември 2022 година била 18,7 милиони евра, покажува последниот финансиски извештај. Загубата е поголема од капиталот проценет на 13,8 милиони евра. Вработените стравуваат за своите работни места и алармираат дека не примиле плата во законскиот рок, поради што вчера беа на протест од 8 до 10 часот. Тие укажуваат и на тоа дека на еден работник има многу шефови, а според ревизорскиот извештај, на крајот од 2022 година имало дури 1.998 вработени, а нивните бруто-плати изнесувале 14,8 милиони евра.
Претседателот на Синдикатот на Пошта, Боро Велигденов, тврди дека 80 проценти од вработените земаат околу минималната плата.
– Оваа финансиска криза е резултат на лошата организација на работењето во Македонска пошта предизвикана од кадровската политика и менаџирањето со години, кое се спроведува со непродуктивно прераспоредување и вработувања, со што се доведовме во состојба на недостиг на работници во технолошкиот процес, каде што најмногу се потребни работниците, а тоа се разнесувачи на пошта, недостиг на шалтерски работници и на работници во технолошкиот процес. Како резултат на тие политики, имаме преполни работни места во администрација и шефовски позиции – вели Велигденов.
Покрај вработените, од Пошта се незадоволни и граѓаните. Тие често реагираат дека со месеци ги чекаат пратките и дека никогаш не може со сигурност да сметаат дека нешто што порачале, ќе им стигне.