Search
Search

Ново Село изгласа што е маж, а што жена

Општина Ново Село го исфрли терминот „родова еднаквост“ од програмата за еднакви можности и го замени со „еднакви можности на жените и мажите“. Измените во програмата беа донесени едногласно со поддршка на сите советници. Во програмата има и посебна дефиниција во која јасно се прецизира што е маж, а што жена и гласи „Под жена се подразбира лице родено со женски биолошки пол, а под маж се подразбира лице родено со машки биолошки пол, без разлика на нивната самоидентификација“. Измените беа донесени на предлог на градоначалникот Ѓорѓе Божинов според кого на овој начин не се остава можност за манипулација на граѓаните.

Божинов апелираше и до другите негови колеги, но и останати носители на јавни функции да го следат нивниот чекор бидејќи на тој начин освен јасни дефиниции за маж и жена се штитело и семејството.

Пред околу еден месец слична одлука донесе и општина Струмица која од стратегијата за млади го исфрли терминот „родова еднаквост“ и го замени со „еднаквост меѓу мажите и жените“. Претходно на оваа тема остри реакции имаше и владиката Јаков кој изнесе низа забелешки на предлог законот за родова еднаквост. Според него оваа терминологија е подметната наспроти половата еднаквост. Тогаш тој ги повика и пратениците да бидат посебно внимателни кога ваквиот закон ќе се носи во собрание.

Извор: Сител

АКТУЕЛНО