Search
Search

Од кога постои населбата Мичурин?

Мичурин е населба во крајниот западен раб на Општина Аеродром. Наречена е според поранешната конзерварница Мичурин, која е наречена според советскиот ботаничар Иван Владимирович Мичурин.

На запад и северозапад граничи со ГЖС „Скопје“ (преку пругата е населбата Пролет, на север и североисток со Острово, на исток и југоисток со Аеродром, додека на југ и југозапад граничи со индустриската зона (преку зоната, најблиску е со населбата Чешма).

Пред да настане населбата, на територијата на населбата била сместена фабрика за конзервирање на овошје и зеленчук наречена „Мичурин“. На празниот простор кај фабриката првите куќи и згради почнале никнуваат во 1945. Тогаш голем број Македонци од Егејскиот дел на Македонија, поради Граѓанската војна во Грција, се доселувале во Македонија, па првите куќи во денешната населба Мичурин биле изградени од Егејците бегалци. По нив биле подигнати и згради за вработените во железницата.

Бидејќи првите згради и куќи биле изградени во непосредна близина до фабриката и по неа било препознатливо новото маало во градот, граѓаните го нарекле Мичурин. Во 1948 името на фабриката било сменето во „Вардар“, но населбата си го задржала името на рускиот ботаничар.

По катастрофалниот земјотрес од 1963, таму била сместена т.н. шаторска населба Аеродром-Вардар наменета за настраданите во земјотресот. Првично местоположбата на кампот била во близина на цивилниот аеродром, односно територијата на денешната населба Аеродром. Потоа шаторската населба била преселена во Мичурин, поточно во дворот на училиштето „Владимир Назор“. Второто преселување на шаторската населба било кога била пренесена во Острово.

Кон крајот на 1980 година, бидејќи населбата веќе била густо населена, била донесена одлука, фабриката да биде преместена подалеку од средиштето на градот. Градбата целосно била урната, а нов погон бил подигнат на излезот од градот во селото Орешани. Жителите на Мичурин, во знак на сеќавање, одлучиле оџакот на некогашната фабрика да стане симбол на населбата. Оџакот е насликан и на знамето на населбата.

Со Законот за новата територијална поделба во август 2004 година, била создадена Општина Аеродром чија територија претходно припаѓала во Општина Кисела Вода. Во неа биле вклучени сите населени места (вклучително и населбата Мичурин) кои се наоѓале северно од пругата Скопје-Велес.

Според пописот од 2002, населбата Мичурин била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Јане Сандански, Лисиче, Ново Лисиче, Острово. Во таа статистичка целина живееле 72.009 жители од кои 96% се Македонци, 2% Срби и 2% други народности како Роми, Турци и Власи.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2021 година, населбата Мичурин била статистички споена (под статистичкиот назив Аеродром) со населбите 13 Ноември, Аеродром, Горно Лисиче, Јане Сандански, Лисиче, Ново Лисиче, Острово, Реонски Центар. Таа статистичка целина имала 75.108 жители.

 

АКТУЕЛНО