Search
Search

Лисичани не отстапуваат, нов протест против изградба на згради во населбата

Жителите на Лисиче утре попладне ќе одржат нов протест против Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЈИ09 блок 09.01 со кој се предлага во населбата да се изградат девет згради, од кои највисоката би била на 11 ката, а три седумкатници. Протестот е најавен во 17.30 часот кај крстот на крстосницата помеѓу булеварите Србија и 12 Македонска бригада.

Лисичани минатата среда веќе одржаа еден протест на кој кажаа „не“ за насилната бетонизација на Лисиче, односно за изградба на згради. Тие сметаат дека овој ДУП, доколку се усвои, ќе ги направи затвореници во своите домови, ќе го запре протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно ќе влијае врз квалитетот на животот во нивната населба.

Од Општина Аеродром пак уверуваат дека населбата Лисиче ќе добие нов детален урбанистички план кој ќе биде во согласност со барањата на граѓаните и тврдат дека новата верзија на урбанистичкиот план која е во фаза на изработка ќе ги опфати најголемиот дел од забелешките на граѓаните, дадени преку јавната анкета и ќе реши голем дел од проблемите на граѓаните во овој дел од општина Аеродром.

Во однос на протестите на жителите, од Општината сметаат дека протестите имаат политичка заднина со единствена цел – да ја дефокусираат јавноста од реалните проблеми со кои се соочува државата.

Жителите на Лисиче, не веруваат на ветувањата на локалната власт.

АКТУЕЛНО