Марко Ѓорѓиевски за Градска.мк: Буџетот за Еразмус е шест милиони евра, а целта е да допре до сите полиња во образованието

Еразмус плус прогрсмата е една од највидливите програми на Европската унија, а Националната агенција со остварување на овие програми придонесува во развојот на заедницата како општество засновано на напредно знаење, со одржлив економски развој, повеќе и подобри работни места и поголема социјална кохезија, истовремено обезбедувајќи заштита на средината за идните генерации а особено размена, соработка и мобилност во областа на образованието и обуката, вели во разговор за Градска.мк директорот на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓорѓиевски.

Тој појаснува дека Агенцијата е основана во 2008 година, од 2014 пак до 2020 година е првата Еразмус програма, а од 2020 до 2027 година во тек е Еразмус плус програмата.

-Буџетот после ковидот е околу 6 милиони евра на годишно ниво, тоа значи дека тие пари се наменети за проектите, поточно на добитниците на грантовите во различните области, вели Ѓорѓиевски.

Тој појаснува дека програмата е наменета за високото образование, токму затоа најголеми корисници од финансиите, околу 40-50 проценти се 23- те високообразовни институции во државата, но сепак голем интерес има и во основното и во средното, но и стручното образование.

– Се повеќе апликации пристигнуваат и голем е интересот за овие програми во полето на млади, кадце што имаме посебна линија на финансирање, младински размени, размена на младински работници и стратешки партнерства. Најголемите бенефиции за сите корисници се формалното образование, каде и учениците, студентите и наставниците заминуваат во Европа каде се стекнуваат со нови компетенции и изучуваат нови работи, но многу битен дел е и неформалното образование, поточно запознавање со врсниците од Европа и размената на искуства, вели тој.

Ѓорѓиевски додава дека еден важен дел на оваа програма е културолошкото вмрежување и напредок помеѓу врсниците.

-Најголем предмет на интерес се оние кои првпат се приклучуваат кон програмите, минатата година преку планските региони се обидовме да вклучиме училишта кои имаат многу мало или пак воопшто немаат искуство со Еразмус програмите. Нашата задача е да ги обучуваме се со цел бенефитите од програмата да стигнат до сите места во земјава, додава тој.

Тој појаснува дека има голем дел од образовните институции кои знаат како да аплицираат, како да ги подготват проектите но и како да ги спроведат, пример за тоа се изминатите три години бидејќи имало проекти каде нашите училишта биле партнери во рамки на програмите и каде имало околу 150 проекти на годишно ниво со што успеале да ги зголемат капацитетите, учесниците на личен , училиштата на професионален план.

-Според она што го имаме како фидбек и наставниците и децата кои ќе заминат некаде во европските земји на овие програми за мобилност, тие се на исто ниво со образованието и од аспект на наставни програми и од аспект на знаење со нивните врсници во Европа. Од стручните училишта се случува да заминат наши ученици во некоја компанија, а таа подоцна да ги бараат за вработување.

Академската мобилност овозможува на студентите размена на образовно искуство во поинаква академска, културна и општествена средина. Како резултат на тоа, студентите кои оствариле студентска мобилност ги зголемуваат своите можности за вработување, се подигнува свеста кај поединците, како и нивото на толеранција и свесност за потребата од борба против сите облици на дискриминација.

Со цел овие програми полесно да допрат до сите Национална агенција за европски образовни програми и мобилност планира да отвори своја нова канцеларија и во Битола која во моментов се уредува, а исто така ќе биде и подостапна во Источна Македонија, Берово, Пехчево итн.

 

Соња Танеска

Видео и монтажа: Ариан Мехмети

 

АКТУЕЛНО

Поврзани објави