Силно невреме проследено со пороен дожд, грмежи и засилен ветер го зафати Скопје во саботата попладне. Епилогот од невремето беа  поплавени подруми, улици и подвозници, паднати дрвја и скршени бандери. Граѓаните бараа помош, а на единствениот број за итни ситуации, 112, имаше бројни пријави за поплави во подрумски простории, немање струја поради оштетени кабли и паднати бандери, како и поплавени улици и канали.

Како што информираат од Центарот за управување со кризи, веднаш биле испратени екипи за испумпување на водата од критичните точки. Од страна на регионалниот Центар за управување со кризи – Скопје, исто така, биле известени надлежните служби за отстранување на опасноста и за санирање на штетите.

Според нив, има паднато повеќе гранки од дрвја при првиот налет на локалното невреме во Скопје. Така, на ул. „Симеон Кавракиров“ во населбата „Мичурин“ во Аеродром паднало големо дрво на улицата, кое оштетило и возило во движење, а и паркирани возила.

– Во 18:15  во саботата, отстрането е дрвото од екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ на Град Скопје и улицата е проодна. Исто така, имало паднато голема гранка од дрво во близина на аптека „Зегин“ на бул. „Свети Климент Охридски“ – информираат од ЦУК.

По силниот пороен дожд што го зафати Скопје во попладневните часови, на единствениот број за итни ситуации, 112 во ЦУК, пријавено е дека се поплавени неколку подрумски простории на ул. „Јордан Мијалков“ спроти зградата на „Лимак“, две поплавени куќи во населбата Драчево на ул. „Славка Динкова“, големо количество вода кај подвозникот кај „Тинекс“, кај катната гаража (1м-2м) на ул. „Антон Попов“. Поплавувањето на подвозникот го попречувало одвивањето на сообраќајот во тој дел од градот.

До ЦУК – Скопје е пријавено дека и на Клиниката за кардиологија се поплавени подрумските простории, каде што се салите за интервенција. Клиниката за кардиологија ги демантираше овие информации на Центарот за управување со кризи. Од Клиниката велат дека салите за ангиографија функционираат во стандардни услови и по стандардни протоколи.

Во Центарот за управување со кризи биле пријавени и две ситуации поврзани со опасност од електрична енергија.

– Во ЦУК е добиена информација на единствениот број за итни случаи, 112, во која се наведува дека во с. Говрлево, месност Брзовец, е скинат кабел од струја и е животозагрозувачки, бидејќи виси на патот. Веднаш од Регионалниот ЦУК – Скопје се известени екипите на ЕВН и се очекува за кратко време да биде отстранет опасниот електричен кабел – информираат од ЦУК.

Исто така, во ЦУК е добиена информација дека на ул. „Борис Трајковски“ бр.7 има пријава за скршено дрво, чија гранка е падната врз каблите со електрична енергија, а бандерата е навалена и дека жителите во таа околина немаат напојување со електрична енергија.

Пристигната е пријава и за реонот на булеварот „АСНОМ“  бр. 24, каде што имало голема навалена гранка во близина на првиот влез на зградата. Според нив, постоела опасност ако падне, да повреди некого и да направи штета на паркираните возилата.

Од страна на РЦУК – Скопје се известени екипите на ЕВН за отстранување на опасностите, бидејќи имало пријава дека на улицата „191“ во Горно Лисиче има скршена бандера од струја, која виси над дворот од куќата, се држи единствено на каблите и постои опасност да падне.

Од УХМР потврдуваат дека Скопје и одредени региони од државата викендов биле зафатени со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а имало и појава на град.