Search
Search

Шестмина од избрканите се враќаат на работа во „Комунална хигиена“, Мазнева молчи

Шестмина вработени се враќаат на работа во „Комунална хигиена“ со одлука на управниот одбор на претпријатието дознава неофицијално  „Градска.мк“, но оваа информација не ја потврдуваат од претпријатгието бидејќи фицијалниот меил на „Комунална хигиена“ исто како оној на Град Скопје, работи само во една насока, односно служи како огласник за лиферувани соопштенија, но никако за одовори на новинарски прашања.

По стапките на нејзината „шефица“ Данела Арсовска со ваква тактика се служи и директорката на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, не одговара на прашања избрканите од претпријатието иако јавноста чекаат нејзина одлука дали ќе постапи по напатствијата на Државниот инспекторат за труд. 

Мазнева беше прашана дали ќе постапи по одлуката на Инспекторатот за труд, како и дали смета дека постапила правилно кога отпуштила дел од вработените. 

Дел од отказите кои ги подели, ги правдаше со тезата дека лицата земале плата, а биле отселени, но, досега, Обвинителството нема добиено кривична пријава со ваква содржина. Одговорот дали избрканите комуналци ќе добијат втора шанса – јавноста не го знае.

Државниот инспекторат за труд, по поднесената претставка од вработените во Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје, на кои им беа дадени откази, утврдил дека тие биле отпуштени незаконски. Како што информираа од Сојузот на синдикатите, Инспекторатот налага да се поништат отказите.

„Донесена е инспекциска мерка, со која менаџментот на ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје треба да донесе писмен акт со кој ќе ги поништи одлуките за отказ поради тоа што тие се спротивни на законот и на колективниот договор“, велат од Синдикатот.

Пред претпријатието, месецов имаше протести и интервенција на полицијата. Скопје се давеше во отпад. По протестите, градот беше исчистен. Градоначалничката Арсовска не ги послуша вработените кои протестираа и бараа разрешување на Мазнева, посочувајќи дека директорката е силна жена која заслужува поддршка.

Отказите на 27 работници следуваа откако директорката Мазнева обвини дека ја блокираат работата на претријатието, па поради тоа делови од Скопје останаа неколку дена со неиспразнети контејнери за смет. Директорката ги нарече група од подземјето кои со години работеле трета смена која повеќе се плаќа. Дополнително, рече дека си правеле приватни бизниси од фирмата, богатејќи се на сметка на претпријатието.

Истовремено вети и дека ќе одговори на барањата за зголемување на платата согласно минималната. Кажа дека од март платата на вработените е зголемена за 864 денари, а договорите за работа се прекинати само со оние лица кои не работеле ништо.

Сепак, најголемиот апсурд беше што на отпуштените вработени воопшто не им беа дадени отказните решенија со причините за отказите туку биле известени кога стигнале на работа вечерта, со листа на огласната табла.

Синдикатите пред два дена реагираа дека очекуваат управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје на седницата што ја одржаа да постапат во согласност со инспекциската мерка, како и врз основа на поднесените приговори од работниците, да донесат одлука со која ќе ги поништат отказните решенија и вработените да ги вратат веднаш на работните места.

СУТКОЗ и ССМ изминатиот период укажуваа дека раководството на „Комунална хигиена“ – Скопје треба да ги почитува законот и колективните договори и дека постапките што се преземаат се ништо друго, туку реваншизам кон работниците за нивната синдикална борба. 

Соња Танеска

 


Ако сме мафијаши не би работеле во Комуналец, велат избрканите од претпријатието кои подготвуваат жалби

АКТУЕЛНО