Search
Search

Булеварот „АСНОМ“ само нашминкан, нема велосипедски патеки, но и доволно тротоари

Данела Арсовска да им се извини на скопјани, особено на аеродромци за „нашминканата“ реконструкција на булеварот „АСНОМ“ бидејќи недостасуваат велосипедски патеки, но и тротоари во двете насоки, напиша на фејсбук советничката во Град Скопје Љубица Јанчева.

И од иницијативата „На точак“, во објава на Фејсбук велат дека ова е „уште една пропуштена шанса да се изведе безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот“. Оттаму нагласуваат дека во оваа состојба улицата стимулира брзо и небезбедно возење на автомобили, а не дозволува никакво возење на велосипеди, ни движење на пешаците на една страна.

„Уште една пропуштена шанса да се изведе безбедна инфраструктура за ранливите учесници во сообраќајот. Од споделените фотографии од Град Скопје може да се види дека само коловозните ленти на „реконструираниот“ потег на булеварот АСНОМ во Ново Лисиче имаат сменет асфалт. Во оваа „реконструкција“ ништо не е сменето за ширината на коловозот и лентите, не е изведена безбедна велосипедска инфраструктура на јужната страна, а ни пешачка ни велосипедска инфраструктура на северната страна. Значи реконструкцијата е само на коловозот преку олеснување на брзото непрекинато возење наместо преку дестимулација со негово успорување. Во оваа состојба улицата стимулира брзо и небезбедно возење на автомобили, а не дозволува никакво возење на велосипеди, ни движење на пешаците на една страна. Дополнително, на останатите 3 страни на булеварите околу Ново Лисиче има издвоени велосипедски патеки. Со одлуката да не се изведат велосипедски патеки или ленти и на овој булевар се пропушти шансата ова да биде вториот блок во Скопје кој е целосно обиколен со безбедна велосипедска инфраструктура“, наведуваат од иницијативата „На точак“.
 

 

Во соопштението на Град Скопје се вели дека реконструкцијата на булеварот „АСНОМ“ во Ново Лисиче е проект со кој целосно се обнови коловозот со вкупна површина од 9.750 квадратни метри и должина од 1.100 метри, со рабници и тротоари, а извршено е и нивелирање на шахти и сливници. Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера изврши увид на завршената реконструкција на дел од булеварот „АСНОМ“ во Ново Лисиче.

Со проектот се предвидува целосна реконструкција на булеварот „АСНОМ“, од раскрсницата со булевар „Србија“ до пристапната улица на Куќата на фудбалот, со што се овозможува зголемена сигурност и безбедност на учесниците во сообраќајот. Реконструкцијата на оваа важна сообраќајница е исполнување на уште едно барање на граѓаните и реализација на проектот ветен во програмата „За модерно Скопје“.

-Со овој проект се изврши и целосно уредување на зелените површини покрај булеварот со вкупна површина од 27.000 квадратни метри. На новата зелена површина поставено е соодветно партерно уредување, садници, летниковци и нова хидрантска мрежа за наводнување на тревниците. Со уредувањето на зеленилото на оваа локација се подобрува квалитетот на живот на граѓаните, животната средина и се зголемуваат парковските површини во градот – потенцираат од Град Скопје.

С.Т.

 

АКТУЕЛНО