Search
Search

Го собираат градежниот шут од граѓаните и наместо на „Дрисла“ повторно го фрлаат на улица

Наместо градежниот шут да го одложат на соодветно место во депонијата „Дрисла“, жители од Гази Баба си нашле начин како да се ослободат од него. Така, еко-активисти посочуваат пример кога соседот се јавил на оглас и повикал приватно лице да му го собере отпадот за 4. 000 денари, но при тоа не се знае каде тој ќе заврши, иако примерите покажуваат дека најчесто тој повторно завршува или некаде на улица или пак на место каде не е дозволено тој да биде депониран.

„Комшо, си го исчистил отпадот од реновирање? – Да. Се јавив на оглас. Дојде камионче за 4.000 денари, сè ми собра и шут и стар мебел. А тој каде го фрла отпадот? – Не знам и не ме интересира. Важно јас да си исчистам дома – комуницираат еко-активисти со нивниот сосед посочувајќи му дека неговиот отпад е оставен две улици подолу.

-Ти си исчистил, но општината е сè позагадена – велат еко-активистите.

Од Зелените од Гази Баба ги предупредуваат граѓаните дека кога ќе се јават на лица кои го земаат нивниот отпад, тој никогаш не завршува во легална депонија, бидејќи тие таму треба да платат, туку тој завршува во нивното соседство.

-Отпадот можете сами да го доставите до претоварната станица на јавното претпријатие Комунална Хигиена во Вардариште и ќе бидете сигурни дека тој ќе заврши на вистинско место. Снимен доказ од нашите активисти покажува дека казните за приватни лица се енормно ниски бидејќи од едно камионче истиот заработува над 200 евра, а казната е само 50 – упатуваат од Зелените од Гази Баба.

При тоа, доколу грѓанинот има повеќе отпад, Комунална Хигиена располага и со превоз.

– Се јавувате кај нив тие да ви го преземат. Ако имате ваш превоз одлагањето на отпадот во претоварната станица на ЈП Комунална хигиена е бесплатно – појаснуваат Зелените од Гази Баба.

Од Општина Гази Баба велат дека немаат официјални информации оти приватни лица обавуваат дејност за подигање на отпад, ниту пак доколку ги има, каде истиот го депонираат.

-Изминатиот период Општина Гази Баба во служба ги стави вонредните еколошки патроли, што подразбира теренски инспекциски контроли во текот на вечерните часови, секој ден – одговорија од локалната самоуправа.

Оттаму додаваат дека секое забележано недозволено одлагање на отпад на забранети површини е санкционирано од страна на инспекциските служби со пишани глоби утврдени во согласност со закон. Притоа, сметаат дека утврдените глоби во согласност со закон се ниски и истите не ја постигнуваат целта, односно не дејствуваат превентивно во насока да предизвикуваат страв кај несовесните граѓани за диво одлагање на отпад.

Извор: Вечер

АКТУЕЛНО