Search
Search
Фото Фејсбук

Матка на пат да стане споменик на природата или пак не?

Владата во февруари го усвои предлог-закон за прогласување на Кањонот Матка  за заштитено подрачје во трета категорија – споменик на природата, останува сега пратениците да го дадат својот глас.

-Со конечното усвојување, после долг период на усогласување, постигнат е консензус во интерес на заштита на ова уникатно национално природно богатство. Со донесувањето на законот ќе се овозможи не само заштита на природните вредности, разновидноста на биодиверзитетот, туку и ќе се создадат нови можности за одржливо управување и развој на овој екосистем, информираше тогаш  министерот за животна средина Насер Нуредини.

Сепак  граѓани на социјалните мрежи викендов споделија  фотографии за моменталната состојбата во која се наоѓа ова место.

– Кањонот Матка денес претставува споменик на негрижа кон природата и кон татковината и кон сите оние што со години прават напори ова место да ја добие заслужената заштита. Искрено, ви препорачувам да не се изложувате на непотребен стрес и губење драгоцени денови од викенд за посета на оваа дестинација. Оти, освен младите ентузијасти од кајакарското здружение што овде традиционално се подготвуваат за некое првенство во кајак на диви води, нема што да видите, поточно, има многу што не сакате да видите, вклучително и заклучените порти на манастирската црква „Св. Андреја” – вели Ирена Андреевска.

Ако сакате да го посетите манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ (познат и како манастир „Матка“), Андреевска препорачува тоа да се направи за време на работната недела, оти за време на викенд, како што нагласува „многу веројатно ќе ви се случи со часови да заглавите во сообраќајниот хаос оставен на милост и немилост на возачите“.

– Се чини дека не постојат надлежни институции за овој дел од светот (градот) – потенцира таа.

Василка Стефановска, пак, поради истите причини коментира дека повеќе од 10 години не стапнала на нејзината омилена дестинација.

– Сè со што можевме да се гордееме, уништивме – заклучува Стефановска.

Репрогласувањето на Матка треба да биде финализирано со донесување на Законот. Исто така, треба да биде дефиниран и управувач со заштитеното подрачје и да се формира управувачка структура.

„Со прогласување на Споменик на природата Кањон Матка за заштитено подрачје се овозможува зачувување на природната состојба на локалитетот Кањон Матка преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност, одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите“, се вели во законското образложение.

Предлогот кањонот Матка да биде споменик на природата кон Министерството за животна средина и просторно планирање беше испратен пред повеќе од две години.

 

АКТУЕЛНО